Македонија
Пендаровски отфрла каква било поврзаност со лицата од случајот „Планина“
Кабинетот на претседателот реагира на наводите изнесени на денешната прес-конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, на која се инсинуира наводна поврзаност на претседателот Стево Пендаровски со лица вмешани во случајот „Планина“.
„Претседателот Пендаровски, за време на изборната кампања на претседателските избори во 2019 година посети населени места на целата територија на државата, при што се фотографираше со сите граѓани што тоа ќе го побараа од него. Претседателот Пендаровски лично не се познава со лицата од посочената фотографија. Како што може да се види, претседателот не е седнат во друштво на посочените лица, туку е фотографиран стоејќи, на нивно барање. Поради тоа, Кабинетот на Претседателот отфрла било каква поврзаност на претседателот Пендаровски со лицата вклучени во случајот“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.