Македонија
Пендаровски: Руската агресија врз Украина ја загрозува и самата Европа
„Употреба на Вооружените сили во справувањето со најновите предизвици во национален и регионален контекст (најдобри практики)“, е главната тема на Петнаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји, која денес се одржува во Охрид.
По отворањето на Конференцијата од страна на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како домаќин на конференцијата свое обраќање имаше претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски и заменикот на министерот за одбрана, Башким Хасани.
Пендаровски во своето обраќање пред началниците на Генералштабовите истакна: „Вие самите најдобро знаете дека руската агресија врз Украина ја загрозува посредно и непосредно и самата Европа. Руската инвазија предизвика и енергетска криза, висока инфлација, прехранбена криза и забавување на пост-пандемиското опоравување на националните економии. Уверен сум, дека Балканот во Европската Унија ќе ја направи и Европа, постабилна и посигурна, а НАТО и ЕУ се двата гаранти за безбедна и просперитетна иднина на континентот.“
Заменикот на министерот за одбрана, Хасани обраќајќи се пред присутните истакна дека Конференцијата покажува дека интересот на сите балкански земји е еден, а тоа е зачувување на безбедноста и мирот и создавање на еден силен и развиен Регион, пример за соработка. „Сите ние имаме една цел, да им овозможиме на генерациите што доаѓаат стабилна и безбедна иднина, иднина која ќе ја создаваат и тие на овие простори. Тоа можеме и мораме да го направиме, затоа што овој Регион има што да понуди.“ кажа Хасани.
Генералот Ѓурчиновски ги истакна важноста и придобивките од досегашните донесени одлуки кои сите овие години се од големо значење и придонесуваа за се поуспешна меѓусебна соработка, што на крајот резултира со подобра безбедносна средина за сите земји во регионот. Затоа оваа иницијатива е од големо значење и за Република Северна Македонија.
„ Ветивме дека ќе соработуваме во развојот на воените односи за да ја подобриме и унапредиме воената соработка во регионот на сите нивоа и да придонесеме за соодветен одговор на потенцијалните асиметрични и хибридни закани.“, истакна генералот Ѓурчиновски во воведното излагање.
На Конференцијата, покрај разгледување на главната тема во тек се разговори за зајакнување на начините на воената соработка на балканските држави, како и начините на спротивставување на сите безбедносни предизвици, ризици и закани во регионот. Ова првенствено е поврзано со реализација на заеднички видови обука, како и со проценка на асиметрични закани на Балканот.
Началниците на Генералштабовите на балканските земји на крајот од Конференцијата ќе потпишат заедничка изјава со која ќе биде потврдена цврстата заложба за проширување и зајакнување на воената соработка.
Фокусот на Петнаесеттата конференција е насочен кон зајакнување на воената соработка на балканските држави, преку изнаоѓање начини на спротивставување на сите безбедносни предизвици, ризици и закани во регионот, како и продолжување на започнатите процеси за взаемно справување со современите безбедносни предизвици, иницирани на претходните конференции.
Повеќето активности кои ги иницира Конференцијата се состојат од обука и едукација, со кои се достигнува потребното ниво на интероперабилност, што овозможува заеднички активности во различни ситуации. Ова првенствено е поврзано со реализација на заеднички вежбовни активности, како и со проценка на асиметрични закани на Балканот.
На Конференцијата, покрај началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски како домаќин, учествуваа и НГШ на ВС на Босна и Херцеговина генерал-полковник Сенад Машович, НГШ на ВС на Бугарија, адмирал Емил Ефтимов, НГШ на Националната одбрана на Грција, генерал Костантинос Флорос, НГШ на ВС на Романија, генерал Даниел Петреску, НГШ на Војската на Србија, генерал Милан Мојсилович, НГШ на ВС на Турција, генерал Јашар Ѓулер, ЗНГШ на Војската на Црна Гора, полковник Радуловиќ и претставник од Вооружените сили (ВС) на Албанија
Како набљудувачи на Конференцијата присуствуваат и НГШ на ВС на Хрватска, адмирал Роберт Храњ, како и претставници од: Воениот комитет на ЕУ, генерал-мајор Јохан Френк, Врховната команда на Сојузничките сили во Европа генерал-потполковник Брајс Хјудит, Здружената команда на НАТО од Неапол и од Командата на Армијата на САД за Европа и Африка, генерал-потполковник, Џон Колашевски.
Форумот на началниците на балканските земји има девет членки (Албанија, БиХ, Бугарија, Грција, Северна Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора). Основан е со иницијатива на Грција и Турција во 2006 година, која официјално е воспоставена со од страна на началниците на Генералштабовите на балканските земји на 10 мај 2007 година во Брисел.
Конференцијата на началниците на Генералштабовите на балканските земји се реализира еднаш годишно по принцип на ротација, а досега се одржани четиринаесет конференции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Македонија
Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ќе ги претстават своите платформи пред граѓаните во повеќе делови од државата. Во исто време продолжува и кампањата за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи в среда, на 24 април, додека вториот круг треба да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван денеска ќе ги посети жителите на Ново Село, Босилово, Василево, а митинзи ќе одржи во Радовиш и во Струмица.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе одржат митинг во скопската населба Карпош, а кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Ресен, Претор, Новаци и во Битола.
Во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарни избори, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Брвеница и на Тетово.
Македонија
Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.
„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски.