Култура
Пендаровски се обрати на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ во УНЕСКО во Париз
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во рамките на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов (1923 – 1982)“, што се одржува под негово покровителство во соработка со УНЕСКО.
Пендаровски ја проследи проекцијата и на анимираниот филм „Грозомор“ според истоимената песна на Ацо Шопов инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година.
Во рамките на чествувањето на јубилејот тој ќе ја посети изложбата „Патот по кој чекорам“ за творечкиот пат на Ацо Шопов проследена со перформансот „Треба да бидеме подобри“.
Меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов „Поезија: творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“ е во организација на МАНУ и Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“. Со денешните настани во Париз на Светскиот ден на поезијата – 21 Март, покрај чествување на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, се одбележуваат и 30 години од македонското членство во УНЕСКО.
„Денеска, на Светскиот ден на поезијата, тука, во Париз, прославуваме два големи јубилеја – 100 години од раѓањето на знаменитиот македонски поет Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО.
Овие исклучително значајни пунктови во нашиот социо-културен развој нè потсетуваат дека задачата на уметникот отсекогаш била да поставува критички прашања во светот и за светот и времето во кое живее. Книжевниот корпус на нашиот великан Ацо Шопов е парадигма за тоа дека поезијата и севкупната уметност не припаѓаат само на естетското туку е длабоко вкоренето во етичкото и хуманото.
„Дали ова време што го живееме и чии граници човештвото ги раширува фантастично смело и фантастично брзо не е и време што ја убива поезијата?“ Ова е време на „научни достигнувања што ја оставаат зад себе и најсмелата и најбогата фантазија“, време на технички чуда и „роботи што може за неколку мига да напишат песна што ќе ги задоволи сите естетски барања. Дали нашето време е мртво за поезија или, пак, таа е мртва за него?“
Со овие зборови Ацо Шопов ги отвори првите Струшки вечери на поезијата во далечната 1962 година. Далечна, а сепак блиска затоа што додека зборуваме, алгоритмите на вештачката интелигенција веќе генерираат текстови што ги имитираат големите книжевници. Шумот на социјалните мрежи и медиумите ја нарушува тишината неопходна за уметничко промислување и согледување на светот“, истакна Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.
Фестивалот којшто се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.
Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.
„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.