Македонија
Пендаровски – Јандроковиќ: Заложби за интензивирање на парламентарната соработка
Во рамки на официјалната посета на Хрватска, претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба и со претседателот на хрватскиот Парламент, Гордан Јандроковиќ.
Како што информираат од претседателскиот кабинет, двајцата соговорници се заложиле за интензивирање на парламентарната соработка oсобено за нејзино динамизирање преку комисиите за надворешни работи и европски прашања на двата парламенти, како значаен придонес во севкупните билатерални односи и во создавањето амбиент за поквалитетна регионална соработка.
Во контекст на нашиот евроинтегративен пат, Пендаровски изразил благодарност за цврстата, недвосмислена и континуирана поддршка на Хрватска, која, како што рекол, во изминатиот период била активно манифестирана на повеќе нивоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
24 април и 8 мај се определени за неработни денови за сите граѓани, одлучи Владата
На 16. седница, Владата заклучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Ова како што појаснуваат во владиното соопштение е заради непречено спроведување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
Овие два неработни дена нема да се одработуваат, прецизираат од Владата.
Денешната владина одлука се однесува на сите граѓани на територијата на Република Северна Македонија.
Македонија
Владата: Уште еден чекор кон унапредување на статусот на специјализантите, по изборите нивните права и обврски да се уредат со закон
На 15. седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина, кои со сопствени средства ја плаќаат специјализацијата, а кои се работно ангажирани со договор на дело во универзитетската клиника во којашто ја извршуваат специјализацијата.
Имајќи го предвид значењето за специјализантите, но и за граѓаните и за здравствениот систем на Република Северна Македонија, за целосно решавање на нивниот статус, Владата донесе одлука, согласно закон, а веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.
Владата, во активна соработка со специјализантите, досега покажа огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и е одлучна да продолжи во оваа насока, кон решавање на сите прашања од нивен и јавен интерес, во функција на здравјето на граѓаните, се истакнува во владиното соопштение.
Како што е констатирано на седницата, во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, со оглед дека дотогаш, тие немаа финансиски надоместок за ангажманот, а ниту една влада претходно не покажа слух и капацитет да почне со решавање на нивниот работен статус. Во изминативе неколку години, значително се покачени платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и е вратено достоинството на сите здравствени работници и соработници, велат од Владата
Македонија
Пендаровски: На 24 април заокружете број 1 за стабилност во следните пет години
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски попладнево беше со жителите на општините Чашка и Свети Николе.
Заблагодарувајќи им се за масовното присуство, Пендаровски истакна дека имајќи предвид дека во изминатите пет години постојано бил меѓу своите сограѓани, тие знаат за што се залагал и знаат дека така ќе продолжи и во следниот мандат. Во оваа насока Пендаровски посочи на двете големи придобивки за земјата во последните неколку години, односно членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.
„Затоа овие избори се многу важни. Не смееме да дозволиме да се врати претходната власт. Постигнавме добри договори, се смиривме и се договоривме со соседите. Тие сакаат одново да преговараат и да изгубиме уште 10-15 години. До тогаш овие деца што ги гледаме тука ќе заминат од Македонија”, подвлече Пендаровски.
Говорејќи дека како претседател не ги дискриминирал луѓето по ниту една основа и не ги делел на наши и на ваши, Пендаровски ги повика граѓаните на Чашка и на Свети Николе масовно да гласаат уште на првиот круг од изборите.
„Дајте да продолжиме со истите овие луѓе. Не ни треба пак да се караме внатре меѓу нас или пак да се караме со соседите. Мојот слоган е ,,Нашиот претседател” затоа што јас сум ваш, вие сте мои, сите сте наши”, подвлече Пендаровски.
На прашање од присутните во однос на обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од изборите, Пендаровски одговори дека нема потреба да бојкотира зошто ќе ги добие изборите.
Граѓаните побараа коментар и околу изјавите на Гордана Силјановска-Давкова дека е неопходна реформа на Уставот.
„Јас мислам дека нејзината изјава е многу поопасна. Значи, тие три години како политичка партија се борат против промена на Уставот, да не биле Бугарите дел од преамбулата на Уставот. Но госпоѓата не зборува за тоа. Таа зборува за нов Устав, внимавајте зборува за граѓански Устав. Дали во тој граѓански устав како што го нарекуваат ќе има воопшто место за Македонците? Според мене тоа е многу опасна идеја освен ако госпоѓата не се потруди да објасни што подразбира под нов, граѓански Устав” одговори Пендаровски.
Во рамки на изборниот караван вечерва Пендаровски ќе одржи централен митинг во Велес.