Македонија
Петровска: Го чествуваме јубилејот „30 години Армија“ со Армија која забрзано се модернизира и одбрана која силно се развива
Плановите за одбележување на Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“, како и текот на модернизацијата на Армијата и развојот на одбраната беа темите на кои денеска во Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска ги брифираше уредниците и новинарите од секторот одбрана.
„Во изминатите 30 години Армијата постигна многу. Денеска Армијата е наша национална гордост, дел од најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО-алијансата. Тоа е Армија која забрзано се модернизира и тоа веќе станува видливо. В среда на Воениот стадион ќе бидат изложени првите 6 нови оклопни транспортери од американско производство кои неодамна пристигнаа и со кои значително се влијае на подобрувањето на борбената готовност на Армијата. До крајот на годината ќе биде испорачана нова пратка, од 27 вакви возила и понатаму следуваат испораките согласно договорот. Продолжуваме и со набавка на други системи кои ни се потребни, набавка на специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, противвоздушен одбранбен систем, а во наредниот период ќе започнеме и со обнова на нашата воздухопловна компонента“, порача министерката Петровска.
Таа додаде дека во дијалог со синдикатите донесени беа најновите измени во Законот за служба во Армијата со кои војниците, подофицерите и офицерите заслужено добиваат одлични услови за работа и повисок животен стандард. Петровска го спомена правото на стекнување на правото на пензија со навршени 40, односно 38 години за армиските припаднички во висина од 80 проценти од најповолните 10 години работен стаж, можност за исплата на отпремнина за професионалните војници кои ја напуштаат Армијата со навршени 45 години возраст, во висина од две просечни плати, но не помалку од 1.000 евра за секоја година мината во служба, право на станарина од моментот на пристапување во Армијата, исплата на боледување во висина од 100 проценти од платата и воведувањето поволни услови за стипендирање млади и перспективни кадри од критичните специјалности за Армијата.
Во контекст на одбраната министерката посочи дека таа се трансформира согласно стандардите на НАТО, стратегијата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата.
„Нашата основна цел е: Безбедни дома, одговорни во НАТО! Изработивме Концепт МКД Одбрана 2030, кој се состои од три главни столбови и пет мисии. Ова ја покажува нашата одлучност да бидеме активна членка на алијансата“, потенцираше Петровска.
Министерката информираше за одбележувањето на тридеценискиот јубилеј на Армијата преку неколку настани, од кои го потенцираше отворениот настан со граѓаните, на 17 август во 18.30 часот на Воениот стадион. Порача дека во заедничко дружење со граѓаните кои најголема доверба имаат токму во Армијата, презентирана ќе биде најновата опрема, новите оклопни транспортери, вештините на армиските специјалци, а тоа ќе биде проследено и со музички изведби на воениот оркестар и повеќе изведувачи кои тоа го прават бесплатно, водејќи се од почитта и љубовта кон Армијата.
Петровска им се заблагодари на сите досегашни министри за одбрана, началници на Генералштаб, сите генерали, но и сите вработени во одбраната и во Армијата, за нивниот придонес во развојот на она што претставува столб на нашата држава, а благодарност упати и до претставниците на медиумите кои секогаш одговорно и професионално известуваат за одбраната и Армијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите
Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде како и во 2019 година ќе се соочи со нејзиниот опонент Стево Пендаровски.
Според пребројани 99,85 отсто од гласовите, Силјановска освои 362.682 гласа, или 40,08 отсто, додека Пендаровски првиот изборен круг го завршува со 180.306 гласа, односно 19,93 отсто.
Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто), потоа Максим Димириевски од ЗНАМ со 83.787 гласа (9,26 отсто), Арвен Таравари од ВРЕДИ со 83.356 гласови (9,21 отсто). Следна е Билјана Ванковска од Левица со освоени 41.172 гласа (4,55 отсто) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 0,90 отсто, односно 8.103 гласови.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Скопје
Осум скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија АД, Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, информира дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат неколку скопски општини.
· Во периодот од 08:30 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Максим Горки, реон Дом на градежници (општина Центар).
· Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, поголемиот дел од потрошувачите на ул.Ринхини.(општина Ѓорче Петров)
· Во периодот од 09:00 до 10:30 часот, корисниците од с.Визбегово, дел од с.Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.(општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево)
· Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Кавалска.(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на пат за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од Св.Петар и Павле по патот кон Долно Лисиче.(Аеродром)
· Во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. 4031, село Марино.(општина Илинден)
· Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од бул.Борис Трајковски (од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево).(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците од с.Сандево, Бањане, Горњане, Дел од с.Мирковци.(општина Чучер Сандево)
· Во периодот од 13:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Исаија Мажовски и Воин Драшкоци.(општина Ѓорче Петров)