Македонија
Петровска се пожали на нерегуларности, но очекува голем број на советници во Скопје
Независната кандидатка за градоначалничка, Ана Петровска, изрази незадоволство од спроведувањето на локалните избори. Таа потенцираше дека тоа го констатирале набљудувачите.
Сепак, нагласи дека процесот за трансформација на Скопје во зелен хуман град е започнат. Таа вели дека премногу е рано за да се зборува за резултати: „Она што пристигнува до нас, од нашите набљудувачи имаме убава застапеност во смисла на процент на освоени гласови, што ќе значи голем број советници во Град Скопје. Но да почекаме до официјалните резултати“.
„Сакам да го изразам своето незадоволство од начинот како се организирани и спроведени локалните избори. Од наши набљудувачи од терен добиваме информации за бројни нерегуларности, импровизации и несоодветно толкување на Изборниот законик“, рече Петровска.
Драгана Велковска, носителка на советничката листа од „Зелен хуман град“ за Град Скопје вели дека тие се револтирани од како што рече, непрофесионалноста во спроведувањето на изборите. Таа смета дека нерегуларностите кои ги посочи можат да влијаат врз легитимноста на конечните резултати, па најавија и приговори, но и кривични пријави.
„Зелен хуман град имаше свои овластени претставници во три скопски општини – Аеродром, Центар и Карпош. Во соработка со другите независни листи имавме информации од други општини од терен. Најпрвин на избирачкото место 2600 во Карпош на наш претставник му беше забрането да присуствува во избирачкото место иако имаше официјално извстување од нас, па бевме принудени да носиме нов документ со печат и потпис за да биде присутен барем при броење на гласовите. Тој претставник има пријавено дека при броење на гласовите имало и оптор кај избирачкиот одбор и на овластените претставници не им беше овозможено веднаш да ги гледаат избирачките ливчиња како што е уредено со Изборниот законик. Забележавме пропусти на местото 2727, каде имаше неколкукратно прекинување на изборниот процес поради проблеми со апаратите за отпечаток. Тоа значеше дека граѓани беа враќани односно си заминуваа поради тоа што чекаа. Најупорните се враќаа по трипати, но ова беше класична опструкција и оневозможување на правото на гласачите. Околу 50 отсто од уредите за отпечаток не работеа, па се користеа останатите опции. Тие опции одземаа повеќе од 10 минути по гласач и тоа значи дека луѓето беа принудени да си заминат бидејќи многу чекаа или имаше непријатни ситуации. Забележавме и семејни гласања, гласања со придружба, помош при гласање од член на избирачки одбор што е спротивно на законикот. На избирачкото место 2722 се случило и од член на избирачкиот одбор да даде по грешка две исти ливчиња за градоначалник на Град Скопје, при што гласач гласал и двете ги ставил во кутија“, рече Драгана Велковска, носителка на листата од „Зелен хуман град“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.