Македонија
Пет смртни случаи и 175 новозаболени од коронавирус во Македонија
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 971 тестирање, а регистрирани се 175 нови случаи на Ковид-19, од кои најголемиот број се од Скопје.
Починаа пет лица, тројца од Скопје, еден пациент од Гостивар и еден од Прилеп.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби при прием во амбуланта починал пациент од Прилеп (72).
Во ГОБ „8 Септември“ починале тројца пациенти од Скопје – пациентка на возраст од 60 години, примена на 5 јуни, пациент на возраст од 64 години, примен на 8 јуни, и пациент на возраст од 59 години, примен на 8 јуни, и еден пациент од Гостивар на 72-годишна возраст, примен на 30 мај.
Најголем број нови случаи се во: Скопје – 131, Куманово – 24, во Тетово има пет нови случаи, во Велес – четири, по два нови случаи има во Штип, Прилеп, Струга, Гостивар и во Свети Николе и еден нов случај во Охрид.
Во Скопје најголем број активни случаи има во Чаир – 209, во Бутел – 76, во Аеродром и Гази Баба по 75, во Центар – 73, во Карпош – 72, во Сарај – 64.
Во Кисела Вода активни се 43 случаи, Ѓорче Петров – 35, Шуто Оризари – 26, во Студеничани и Арачиново има по 24 активни случаи, во Илинден – 19, во Петровец активни се шест случаи, во Чучер Сандево – четири, два случаја има во Сопиште и двајца странци.
Денеска, Институтот за јавно здравје регистрира 18 оздравени пациенти, и тоа во: Скопје – 12, Штип – еден, Тетово – три и во Велес двајца оздравени пациенти.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3.538, бројката на оздравени пациенти е 1.682, на починати 169, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.687.
Во согласност со тоа, последната дистрибуција по градови е следна:
• Скопје – 1.592, активни 960
• Куманово – 597, активни 179
• Дебар – 53, активни 2
• Штип – 227, активни 187
• Прилеп – 222, активни 27
• Тетово – 317, активни 147
• Струга – 111, активни 36
• Велес – 149, активни 29
• Битола – 30, активни 3
• Охрид – 46, активни 29
• Кавадарци – 6, активен 1
• Гостивар – 54, активни 31
• Гевгелија – 6, активни 2
• Струмица – 7, активни 4
• Крива Паланка – 7, активен 1
• Радовиш – 4, активни 0
• Крушево – 3, активни 0
• Кочани – 53, активни 22
• Пробиштип – 11, активни 9
• Демир Хисар – 1, активни 0
• Македонски Брод – 2, активни 0
• Пехчево – 3, активни 0
• Берово – 2, активен 1
• Валандово – 3, активни 2
• Виница – 3, активни 1
• Делчево – 1, активни 0
• Кратово – 3, активен 1
• Свети Николе – 5, активни 4
• Кичево – 3, активен 1
• Ресен – 1, активени 1
• Неготино – 16, активни 7 (*9 лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија)
Досега во земјата се направени вкупно 40.004 тестирања на Ковид-19. Денеска, нема тестирања во рамките на скринингот.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 11 нови, а вкупно хоспитализирани 84 пациенти. На кислородна поддршка се 29 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
До утрово во ГОБ „8 Септември“ примени се 22 нови, а вкупно хоспитализирани 57 пациенти. На респираторна машина се 10, a со потешка клиничка слика се уште 11 пациенти.
Во болницата во Битола хоспитализирани се 20 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат 2 пациенти. Во болницата во Штип хоспитализирани се 24 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и во Прилеп хоспитализирани се 36 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони на неколку патни правци
ЦУК извести дека преку единствениот број за Итни повици Е-112 добиена е дојава за одрон на патот кај Калиманци, на регионалниот пат Македонска Каменица-Виница, 5 километри пред влезот на Македонска Каменица.
За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го саниррат одронот, додаваат од ЦУК.
Исто така добиена е дојава за одрон на патен правец село Удово-Демир Капија.
„Точната локација е 2-3 километри после село Удово во правец спрема Демир Капија. За настанатата состојба известени се ЈП за оддржување на регионалните и магистралните патни правец и екипите се излезени на терен за да го санираат одронот“, соопшти ЦУК.
Македонија
Нема да има работни саботи за учениците, МОН донесе нова одлука
Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ во Скопје, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.
Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, велат од МОН.
Од Министерството потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.
„Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја“, додаваат од МОН.
Македонија
Со супервештачење ќе се бара вина кај лекарите за родилката од Дебар, која, по породувањето, се врати дома без јајчник, матка и бубрег
Судот нареди да се направи супервештачење за родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, на која по породување во струшката болница ѝ беа извадени јајчник, бубрег и матка. Наредбата за супервештачење доаѓа откога судот доби целосно спротивни вештачења од Обвинителството и од одбраната. Вештачењето од Институтот за судска медицина, приложено од Обвинителството, посочи одговорност кај лекарите од струшката болница, а вештачењето нарачано од одбраната, кое го направи вештакот Драге Дабески, заклучи дека лекарите ѝ го спасиле животот на родилката.
„Со супервештачењето верувам дека, конечно,. вистината ќе излезе на виделина и правдата ќе биде задоволена. Вештакот на одбраната не најде лекарска грешка, ме убедува дека со вадење три органи по породувањето со царски рез, ми го спасиле животот иако вештачењето од Судска медицина покажа дека лекарите имаат вина. Јас здравјето не можам да си го вратам, органите ми се извадени и функционирам како половина човек, но очекувам супервештачењето на лекарите да им покаже дека има лекарска грешка и на пациентите да им порачам дека не треба да молчат, треба да се охрабрат и да се борат за вистината“, вели Вепоска за „Макфакс“.
Се пожали дека секое судење дополнително ја исцрпува, а извадените органи ја ограничуваат во мајчинството, во работата и во секојдневниот живот.
„Здравјето целосно ми е нарушено. Освен физички, имам и психички проблеми, се лекувам и од тоа. Особено тешко ги поднесувам судењата, ми треба време да закрепнам од нив. Работам со скратено работно време оти немам сила за осумчасовна работа. Како мајка не можам да им се посветам на децата онака како што треба оти постојано имам здравствени проблеми, еве сега тукушто ја испив терапијата“, рече Веапоска по денешното судење.
Судијата Јодран Јованов, кој го побара супервештачењето, е трет судија што го добива нејзиниот случај откога претхдните двајца се пензионираа. Следното рочиште е закажано за 3 јуни кога Вепоска очекува да биде готово и супервештачењето.
За извадените органи по породувањето со царски рез на Веапоска, обвинети за несовесно лекување се гинекологот Мухамед Асани, кој во 2020, кога беше направено породувањето, беше директор на болницата, син му Блертон Асани и докторката Лилјана Јовановска.