Македонија
Повторно одложено рочиштето за „Моќник“, обвинетите бараат превод на доказите на албански јазик
Ново одлагање на рочиштето за случајот „Моќник“, кој досега четири пати имаше обид да почне. По четири пати доаѓање на рочиштата што се одлагаа, обвинетиот Шенди Винца сега побара да му се преведе целиот материјал од докази до обвинение на албански јазик. Судијката Ленка Давидкова среде судење повика преведувач, кој усно му го преведуваше обвинението за кое рече дека ќе му биде доставено и писмено. Рочиштето, по утврдување на идентитетот, се одложи.
„Требаше досега да го каже ова, да се расчистиме. Четири рочишта се одложуваа. Уште пред самото почнување кога се констатираат присутните, па досега, не се изјаснивте“, рече судијката Давидкова.
Обвинетиот Винца говореше и на македонски јазик, но крече дека делумно го разбира.
„И писмено и усно сакам документите да бидат на албански јазик. Обвинението треба да е и на албански јазик. Сакам, според Законот за јазиците, превод на сите документи! Тоа се моите права и сакам да се почитува. И доказите, и сè друго сакам да е преведно!“, рече Шпенди Винца.
Реагира и обвинителката Фатиме Фетаи, која рече дека барањето на обвинетите е класична злоупотреба.
„На обвинетиот Шпенди Винца сега му текна, петти пат кога доаѓа на судење? Ова е класична злоупотреба на правата! Петти пат доаѓа во судница и сега му текна на петтото рочиште? И јас сум за да се почитува Законот на јазиците. Ќе дојде преведувач и збор по збор ќе му го преведе обвинението. На следното рочиште ќе го добие и написмено“, рече Фетаи.
По ова, обвинетиот Винца првин посочи дека во иднина сака сите докази да бидат преведувани. Па потоа рече дека сепак сака и цела претходна документација да биде преведена.
Претходно, сите обвинети се изјаснија дека не се осудувани и против нив не се водат постапки. Меѓу нив и третообвинетиот Антонијо Милошоски.
Обвинетиот Винца бил претседателот на Комисијата за лустрација, па Фетаи го праша: Кога беше лустрацијата, немаше закон за јазици. А кога лустрираа, не разбираа што прават?“
По ова, и обвинетиот Даут Даути рече дека го разбира јазикот, ама сака сè да му е прведно на албански јазик бидејќи: „Ова е тест за правната држава, сакам да видам како функционира. Го разбирам, зборувам и пишувам, ама сакам да се почитува Законот за употреба на јазиците и да ми биде обезбеден преведувач и сите документи во овој суд да бидат преведени на албански јазик. Сакам да дадам одбрана на мојот мајчин јазик, сакам да видам како звучи тоа на албански“.
И Агим Мехмети побара да му се прведат идните докази и да му се обезбеди преведувач иако, како што ѝ рече на судијката: „Го зборувам и можам да комуницирам со вас, но сакам да ми се обезбеди тоа право“.
Пратеникот Антонијо Милошоски се товари дека ги сторил кривичните дела измама и злоупотреба на службената положба и овластувањата. Прво и второобвинет за измама, пак, се таткото на Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. Според обвинението, пратеникот Антонијо Милошоски ја искористил својата позиција и вршел континуиран притисок врз државните органи и судовите за да не ја поништат продажбата на зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3.920 квадратни метри во Македонски Брод, а го купил татко му.
„Моќник“ се води против 13 лица, меѓу кои и против поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев.
Следното рочиште е закажано за понеделник, каде што сите ќе треба да се изјаснат дали чувствуваат вина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Со ДПМНЕ е можно само враќање назад, велат од СДСМ
Платформата на ДПМНЕ се само нови лажни ветувања, по примерот на Скопје, велат од СДСМ.
„ДПМНЕ ги изневери граѓаните на Скопје, ништо од ветеното не реализираше, а сега излегува со нови лажни ветувања. Наместо модерен град, Скопје денеска е запустен град, полн со нечистотија, со хаос во јавниот превоз, јавни претпријатија во долгови. Ги нема новите 250 автобуси, нема бесплатен јавен превоз, нема нови паркови“, дополнуваат од СДСМ.
Според нив промовираната Платформа 1198 на ДПМНЕ е токму тоа, нови лажни ветувања.
„Се потврди дека ДПМНЕ нема план за иднината и дека оваа партија не може да донесе никаква промена. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад. Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, завршуваат од СДСМ.
Скопје
Дел од општина Центар денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека, денеска без вода ќе биде дел од општина Центар.
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа на улицата 50-та Дивизија бр. 35, од 10:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и улицата Димче Мирчев во општина Центар.