Македонија
Поповски-Тимоние: Македонија ја има поддршката на Франција во интеграциските процеси
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска оствари средба со францускиот амбасадор во Република Македонија, неговата екселенција Кристијан Тимоние, на која се разговараше за повеќе актуелни прашања.
Министерот Поповски го запозна францускиот амбасадор со деталите на најновата одлука на Владата, со која Министерството за финансии има обврска да подготви предлог-одлука за обезбедување 80 милиони денари од тековната буџетска резерва. Средствата ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања за референдум врз основа на одобрен план од Собранието на Република Македонија како овластен предлагач, а донесена е и одлуката дека доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во буџетот на Република Македонија.
Двајцата соговорници се согласија дека процесот на планираната комуникација од јавен интерес, информирањето за референдумот, треба да биде базирано на принципите на објективност, транспарентност и рационалност.
„Граѓаните на Република Македонија треба да знаат дека Европската Унија е наш демократски партнер и нашата иднина“, истакна министерот Поповски. Тој истакна дека договорите со Бугарија и Грција се пример за унапредување на односите на соработка и пријателство меѓу соседите во регионот и дека со тоа се испраќа порака до Европската Унија и до НАТО дека земјите во регионот имаат раководства што се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива.
Амбасадорот Тимоние ги поздрави транспарентноста и отчетноста на Владата оценувајќи дека работата на министерот Поповски дава значајни резултати во демократските промени во Република Македонија, особено во областа на слободата на медиумите. Со министерот Поповски разговараше и за измените на Изборниот законик, при што двајцата соговорници заеднички заклучија дека треба да се земат предвид укажувањата на новинарските здруженија и медиумите поврзани со дел од одредбите од Законикот кои се однесуваат на онлајн-медиумите, порталите.
Министерот Поповски упати повик до опозицијата за деблокирање на процесот на донесување на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги повторувајќи дека измените се во насока на создавање услови за независно и професионално работење на МРТ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и на сите медиуми во Македонија, што е во насока на заложбата на Владата на Република Македонија да работи транспарентно и отчетно.
„Македонија оди во правилна насока и земјата ја има поддршката на Франција во интеграциските процеси, кои отвораат перспектива за економски и севкупен развој“, му порача францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на министерот Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.