Македонија
Почесен докторат за Иванов на Универзитетот „Џумхуријет“ во Турција
На претседателот Ѓорге Иванов денеска во Сивас, Турција, му беше доделен почесен докторат од страна на престижниот Универзитетот „Џумхуријет“. Признанието на претседателот Иванов му беше врачено на свечена церемонија од страна на ректорот на Универзитетот д-р Алим Јилдиз, по што македонскиот претседател одржа предавање на тема „Ататурк и Македонија“.
За време на своето предавање, претседателот Иванов истакна дека оваа титула за него претставува привилегија и чест, дотолку што му се доделува во Сивас, градот каде во 1919 година на иницијатива на Ататурк се одржал историски и револуционерен конгрес со кој се означува почетокот на борбата за независност и владеење на граѓаните на Турција.
„Ататурк сметал дека со Конгресот во Сивас, турскиот народ повторно во своите раце го зел суверенитетот. Тој верувал дека единствениот начин на кој Турција ќе стане модерна нација е преку политички систем во кој нема да има поделба, туку единство на моќта, концентрирана во еден единствен авторитет што ќе го отсликува народниот суверенитет. Затоа, Големото национално собрание се јавило како тело што ги контролира законодавната, извршната и судската власт. Како избран претседател на Големото собрание, Ататурк се стекнал со огромна моќ неопходна за да ги направи суштинските реформи во земјата“, рече Иванов.
Врската меѓу Мустафа Кемал и Македонија, според македонскиот претседател, не е само географска. Македонија, истакна Претседателот, беше прозорецот низ кој Ататурк се запозна со овие вредности, тоа беше просторот каде што се калеше неговиот карактер, каде се градеше неговиот поглед, каде созреваа идеите од кои подоцна никна Република Турција.
„Македонија не е само местото каде што тој бил роден, туку просторот каде што се формирал неговиот светоглед, неговиот карактер и неговите сфаќања. Ататурк во Македонија најнепосредно учел колку е важен соживотот, ги учел македонските вредности, како што е прифаќањето на другите, Подоцна, она што го научил во Македонија, го применил во Турција. Затоа, изворот на неговиот модел за темелни реформи е во Битола, кој во времето на неговиот престој беше гордиот град на конзулите во кој интелигенцијата, но и пошироката популација беше изложена на западните, европските вредности. Битола беше прозорец кон Европа, простор од каде влегуваат напредните идеи во Империјата“, порача македонскиот претседател.
Тој се осврна на изворите од каде Ататурк ги црпел своите идеали, кои ги применува во трансформацијата на Турција. „Тој го испокина целото политичко ткиво, ја претвори монархијата во република, ја сведе империјата на една територија, ја претвори религиозната држава во световна република, го собори султанот, го протера калифот и ги отфрли сите врски со Отоманската Империја. Тој направи една од најголемите културни, политички и социо-економски трансформации во современата доба. Така е родена Турција, како национална секуларна држава“, рече Иванов.
Иванов до сега има добиено бројни признанија од високообразовни институции и организации во светот. Тој е прогласен за почесен професор на Московскиот универзитет „Ломоносов“ и на Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду, НР Кина. Почесни докторати има добиено од Бугарската академија на науки во Софија, на Истанбулскиот универзитет, на Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели“’ во Невшехир, на ТОББ Универзитетот за економија и технологија во Анкара, на Академијата за јавна администрација на Азербејџан во Баку, на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир“ во Букурешт и е прогласен за член во Светската академија на науките и уметностите и за почесен протектор на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург.
Во рамки на посетата на Турција, претседателот Иванов оствари средби со градоначалникот и гувернерот на Сивас, а утре во Истанбул, македонскиот претседател ќе присуствува и ќе се обрати на Глобалниот лидерски форум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.
Македонија
Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.
Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.
Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.