Македонија
Починаа уште 6 лица од коронавирус во Македонија, новозаразени се 22 пациенти
Во текот на изминатото деноноќие потврдени се шест смртни случаи на коронавирус во Македонија, заразени се уште 22 лица, а оздравеле 36, информира Министерството за здравство.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица од Прилеп, пациент на 58 години, хоспитализиран на Клиниката од 19 април, и 63-годишен пациент на болничко лекување од 9 април, и двајцата приклучени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ починаа три лица, двајца пациенти од Скопје на 75 и 58-годишна возраст, и двајцата хоспитализирани на 26 април, и пациентка од Тетово на 51 година, хоспитализирана од 12 април.
Пред два дена почина и пациентка од Скопје на Клиниката за онкологија на 71 година. Нејзиниот позитивен резултат на Ковид-19 е стигнат во текот на вчерашниот ден.
Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 36 оздравени пациенти, и тоа во: Скопје – 19, Куманово – 1, Штип – 5, Прилеп – 4, Тетово – 1, Струга – 1, Велес – 3, Гостивар – 2.
Во изминатите 24 часа направени се 362 тестирања, а потврдени се 22 нови случаи на Ковид-19, и тоа во: Скопје – 11, Куманово – 2, Струга – 1, Велес – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 2 и Неготино – 1.
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во нашата земја изнесува 1.421, бројката на оздравени пациенти е 589, на починати се 71, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 761. Последната дистрибуција по градови е следна:
• Скопје – 486
Куманово – 378
Дебар – 51
Штип – 34
Прилеп – 143
Тетово – 75
Струга – 65
Велес – 69
Битола – 19
Охрид – 15
Кавадарци – 7
Гостивар – 17
Гевгелија – 4
Струмица – 2
Крива Паланка – 5
Радовиш – 4
Крушево – 3
Кочани – 28
Пробиштип – 2
Кичево – 2
Неготино – 5
Демир Хисар – 1
Македонски Брод – 2
Пехчево – 1
Валандово – 1
Виница – 2
Направените 362 теста се преку: ИЈЗ – 203, Ветеринарниот факултет – 8, „Авицена“ – 11, „Биотек“ – 45, „Филип Втори“ („Жан Митрев“) – 48, „Систина“ со PCR-метода – 25 и МАНУ – 22. Досега во земјата се направени вкупно 15.771 тестирање на Ковид-19.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се 5 нови пациенти, а во моментот се хоспитализирани вкупно 52. Критично болни и на механичка вентилација се 3 пациенти, 25 се со потешка клиничка слика и на кислородна маска.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 3 нови, а вкупно хоспитализирани 28 пациенти. Со потешка клиничка слика се 3 пациенти, а на респираторна машина вкупно 6.
Во болницата во Битола се лекуваат 6 пациенти, а на домашно лекување се следат 8. Во Штип на болничко лекување има 2, а на домашно се следат уште 6 пациенти. На другите инфективни одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар, Охрид и во Тетово хоспитализирани се вкупно 46 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонската армија и се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на Фејсбук триесетина минути стоеше наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност”, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.
Македонија
Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче
Приведено е уште едно лице за кражбата на сеф од маркет во Црниче.
Од МВР информираа дека вториот приведен е В. Т. (36) од Скопје.
Претходно, Обвинителството објави дека приведен е 26-годишен скопјанец, кој учествувал во кражбата.
Со тоа, двајцата се сомничат дека на 1 април провалиле во затворен маркет на улицата Востаничка во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или сѐ во вкупна вредност од 285.000 денари.
ОД МВР информираа дека судија на претходна постапка на едното лице му определи мерка притвор.