Македонија
По два месеца анализа, Филипче вели дека бесплатните маски ќе ги делат матичните лекари
Министерството за здравство ја почна постапката за бесплатните маски против аерозагадувањето, кои треба да ги добијат хронично болните и децата. Место најавените 43.000, се набавуваат 40.000 маски. По два месеца анализирање, министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека имаат решение и за начинот на кој маските ќе стигнат до децата и до болните.
„За маските ја почнавме постапката. Се работи на јавна набавка на 40.000 маски. Ќе ги делиме преку здравствените домови или преку матичните лекари“, кусо изјави министерот Филипче за „Макфакс“.
Тој не одговори на прашањето дали преброиле на колку деца ќе им бидат поделени маски ниту, пак, прецизира кога ќе почнат да ги делат маските.
Министерот на почетокот на декември минатата година најави дека бесплатни маски против аерозагадувањето ќе добијат 43.000 хронично болни, но рече дека маски ќе добијат и децата како ризична група. Пребројувањето на децата и анализата на начинот на кој треба да се поделат маските трае два месеца.
„Извлековме податоци дека имаме 43.000 хронично болни, а бројката на деца за кои се потребни маски сè уште се утврдува. Сега бараме начин како да им ги поделиме маските. Со Министерството за животна средина веќе утврдивме дека маските не го решаваат проблемот, но сепак се некаква форма на заштита“, рече министерот Филипче пред два месеца и уверуваше дека ќе настојуваат што побргу да најдат решение и да им се поделат маските на децата и на хронично болните.
Македонија цела зима е меѓу најзагадените земји во светот, а неколкупати се искачуваше и на првото место по аерозагадување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.