Македонија
По 10 години, Коко се враќа во Зоолошката во Скопје
По 10 години поминати во Холандија, шимпанзото Коко се враќа во скопската зоолошка градина. Коко од 2009 година беше на ресоцијализација поради анксиозност и депресија.
„Во 2009 година Коко беше единствено шимпанзо во ЗOO Скопје, во тинејџерски години кога најмногу му треба друштво и љубов. Поради тоа што покажуваше знаци на анксиозност, но и поради несоодветното живеалиште, Зоолошка градина Скопје, заедно со неколку новинари во тоа време покрена иницијатива преку ЕАЗА, Коко да биде испратен на ресоцијализација. AAP Stichting, една од најдобрите светски организации за ресоцијализација и спасување животни, веднаш ги отвори вратите за наш Коко. Таму во текот на годините стекна многу нови другари и меѓу вработените и меѓу шимпанзата“, велат од ЗОО Скопје.
Ова прифатилиште спасува огромен број животни од целиот свет и невозможно е сите да ги задржи таму долг временски период. Затоа се борат за секое рехабилитирано и ресоцијализирано животно да најдат соодветен дом, со постојани проверки и контрола на квалитетот и условите за живот.
Од ЗОО Скопје велат дека Коко и тројцата другари Мими, Роси и Хјасл ќе живеат во огромно живеалиште според светски стандарди, какво што бараат светските организации за заштита на животните. Има двокатен внатрешен дел, со дополнителни простории за одмор, преглед и карантин. Надворешниот дел, пак, е збогатен со голем број реквизити, но е и одалечен од публика, со цел шимпанзата да го имаат својот мир и да не бидат вознемирувани од посетители. Живеалиштето се градело долго време, бидејќи за чување шимпанзо има многу посебни услови и критериуми кои треба да се исполнат.
Шимпанзата спаѓаат во редот на човеколики мајмуни и се најблиску до човечккиот род. Тие се многу интелигентни и емотивни животни и најчесто живеат во мали групи. Мими, Роси, Коко и Хјасл се група која одлично се согласува и во ЗОО Скопје ќе добијат услови и љубов какви што заслужуваат. Приказните на Мими, Роси и Хјасл се премногу тажни, но благодарение на AAP, овие храбри шимпанза добија нова шанса за живот. Во светот пред само 5-10 години живееја околу 1 000 000 шимпанза. Но, застрашувачки е фактот дека за толку кратко време се останати само 150.000 шимпанза и станаа загрозен вид. Особено се убивани во дивината, а малите бебиња земани за лабораториски експерименти, што е поразително и бескрајно сурово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска на средба со Јоли: Соработката со Албанија дава резултати
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли, со кој разговараа за соработката помеѓу Северна Македонија и Албанија во областа на културата, за досегашната реализација на проектите и можноста за нови.
„Имаме одлична соработка и секоја укажана прилика ја користиме за продлабочување на пријателските врски меѓу двете држави. Традиционално добрите односи со Албанија дополнително ги зајакнуваме со прекуграничната соработка, како најдобар европски модел за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Префектот на округот Корча, Нерти Јоли на средбата рече преку сериозна и темелна соработка на двете држави, важни проекти и иницијативи се реализирани во културата, инфраструктурата и туризмот, изразувајќи интерес за партнерство во идните проекти.
Костадиновска-Стојчевска и Јоли се согласија дека Пустец е посебен за двете држави и дека со унапредување на соработката не само во областа на културата ќе може да се направи многу повеќе за граѓаните од двете страни на границата.
Министерката потенцирање дека успешно реализираната иницијатива „Денови на македонската култура во Корча“ во која учество зеде и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана и Министерството за култура има големи придобивки во контекст на унапредувањето на културната соработка меѓу двете држави и изрази уверување дека оваа манифестација, со поддршка на округот Корча ќе стане традиционална, бидејќи е убава можност за промоција на македонската култура и истата ги негува релациите со Македонците во Корча.
На средбата беше истакната и петнаесетгодишната соработката помеѓу битолскиот универзитет со албанскиот универзитет Фан С. Ноли, како и за поддршката за промоција и афирмација на македонскиот јазик во Албанија, за што министерката Костадиновска –Стојчевска изрази верување дека иницијативата за изучување на македонскиот јазик на Универзитетот Фан С. Ноли во Корча ќе има уште поголем од младите и идни студенти.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.