Македонија
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ: Да не се злоупотребува Статутот на партијата од поединци или групи
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со став во однос на актуелните случувања на темата „Вонреден конгрес“.
„Ние, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како избрани претставници на граѓаните во Законодавниот дом, како примарна цел ја имаме работата во интерес на народот за подобра економија, подобро здравство, поголема правна сигурност, преку разобличување на актуелната власт која ја претвори државата во хибриден режим, со највисока корупција во Европа.
Во овој контекст, пратениците ја даваат својата безрезервна поддршка на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Претседателот на партијата, за со заедничко и координирано дејствување да успееме што поскоро да ја поразиме актуелната власт, којашто не е дел од решението, туку е дел од проблемот на македонските граѓани, особено во делот на економијата, здравството и образованието.
Пратениците упатуваат препорака до матичната партија ВМРО-ДПМНЕ, во однос на интегритетот на партијата како политички субјект, целосно да се почитуваат одредбите од Статутот и безусловно се залагаме да се почитуваат надлежностите на Централниот комитет, Извршниот комитет, Конгресот и другите партиски органи, без да се дозволи нивна злоупотреба од страна на кои било поединци или групи“, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.