Македонија
(Видео) Првата група бегалци од Авганистан пристигнаа во Македонија
Првата група од 149 граѓани од Авганистан доцна синоќа пристигнаа во Македонија. Бегалците преку Грузија пристигнаа на скопскиот аеродром.
Првиот патник што се симна од авионот беше трудница во 39-тата недела од бременоста, која со возило на итната медицинска помош е однесена на Клиниката за гинекологија во Скопје.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека станува збор за луѓе вработени во меѓународни организации, како што се „Опен гавермент“, организација во која членува и нашата држава, „Транспаренси интернешнл“ и други организации со кои сме работеле ние или нашите сојузници во Авганистан.
„Тоа се луѓе со кои сме работеле, луѓе што споделуваат исти вредности со нас и луѓе на кои не по нивна вина им е загрозен нивниот живот и животот на нивните деца“, рече Османи.
Раководителката на Службата за итна медицинска помош и домашно лекување при Здравствниот дом Скопје, Милица Бубало, рече дека Министерството за здравство заедно со сите здравствени установи е подготвени за да ја даде комплетната здравствена заштита на граѓаните од Авганистан во текот на престојот на нашата држава.
„На граѓаните ќе им биде направен ПЦР-тест во однос на Ковид-19 и ќе им биде проверен вакциналниот статус. Доколку изразат желба за вакцинација против Ковид-19, ќе бидат вакцинирани. Доколку во текот на проверката на ПЦР-тестот се констатира дека имаме позитивен/позитивни, ќе се спроведе 14-дневен карантин. Понатаму во текот на самиот процес ќе биде спроведен комплетен преглед на децата и на возрасните од страна на педијатар и на специјалист интернист и ќе се оцени здравствената состојба на самите граѓани“, информира д-р Бубало.
Бројката на бегалци од Авганистан што ќе ги прими Македонија од првичните 650 се искачи на 780. Тие ќе бидат сместени главно во хотели во периферијата на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како нецелосни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.
Македонија
Одѕивот до 15 часот е 35,89 отсто, најмалку гласале во Центар Жупа, а најмногу во Новаци
До 15 часот до Државната изборна комисија пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 2.110 избирачки места.
Од вкупно запишани 1.092.341 гласач на овие избирачки места, гласале 392.066, односно 35,89 проценти.
Според податоците што се пристигнати досега, најголем одѕив е забележана во Новаци со 57,69 % а најмал во Центар Жупа, 13,11 %.
Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 233 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив, 38 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 21 приговор се отфрлени како неуредни, а 22 се одбиени. Другите приговори се во обработка.
На страницата rezultati.sec.mk може да се следи во живо одѕивот на гласачите, вкупен и по општини.