Македонија
Пренџов: Власта со злоупотреба на европското знаменце сака да наметне поскапување на горивата
Власта на Заев својата неспособност и недомаќинско работење ќе ги покрива со кризен данок, кој сакаат да го прикажат како таканаречена еколошка такса, обвини Љупчо Пренџов, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“.
Тој вели дека власта сака да го направи тоа злоупотребувајќи европско знаме во собраниската процедура со цел, како што рече, на мала врата да наметнат поскапување на горивата од 4,13 денари по литар.
„Прашувам, што има европско во законот за зголемување на цената на горивата или т.н. еколошка такса? Според предложениот закон, никаде не може да се најде дека истиот е усогласен со европските регулативи, за да имаат право да се повикуваат на европското знаме“, рече Пренџов.
Според него, овој кризен данок кој Заев сакал да го прикаже како еколошка такса е најскап во Европа.
Така, додаде Пренџов, македонските граѓани ќе плаќаат 5,7 евроценти за литар гориво поскапо, исто колку што плаќаат во Велика Британија.
Тој прашува дали испумпувањето на пари од економијата и граѓаните ќе се користи за покривање буџетски дупки, или луксузирања, или пак, можеби за предизборен поткуп?
„Повикуваме на разум од страна на власта и ова собраниско мнозинство. Веднаш да се повлече законот за воведување на кризен данок или, ако сакате, овој закон кој на мала врата сакаат да го протуркаат како наводна еколошка такса. Доколку власта остане глува на предупредувањето на експертите и на јавноста, и го донесе на сила ова законско решение, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Обнова на Македонија ќе го ревидираат уште на првата седница при промената на власта“, рече Пренџов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митрески: Ги зголемуваме субвенциите за енергија на 120 илјади денари за домаќинства, ранливите потрошувачи ќе добијат поголема поддршка
„Енергетската независност на Македонија е значаен приоритет за СДСМ и за Коалицијата за европска Макединија. И во време на најголемата енергетска криза, граѓаните не го почуствуваа недостатокот на светскиот пазар, затоа што водевме мудри политики и обезбедивме енергија за целата држава. Во наредниот мандат гарантираме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 проценти во однос на 2019 година, со што ќе бидеме енергетски независни“, изјави Јован Митрески, носител на ИЕ 5 за СДСМ и Коалицијата за европска Македонија.
Тој најави дека во наредниот мандат ќе биде зголемен капацитетот на обновливи извори на енергија за најмалку 100 проценти, а еден милион граѓани ќе добиваат енергија од обновливи извори.
„Ги зголемуваме субвенциите од 80 илјади на 120 илјади денари за домаќинства, ги зголемуваме мерките за заштита на правата на ранливите потрошувачи на енергија. Воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроцентрали“, додаде тој.
Митрески најави и дека ќе продолжи поддршката на бизнисите, преку 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производството и 3,5 милијарди капитални инвестиции и гарантираме стабилна даночна политика.
„Воведуваме 0 проценти данок на личен доход за минимална плата, како и по 200 евра за во првите 12 месеци за секое прво вработувањ на лица до 26 години. Планираме инвестиции од над 2,7 милијарди евра, за модернизација на инфраструктурата во сите општини, квалитетна инфраструктура е предуслов за растечка економија и повисок животен стандард“, додаде Митрески.
Македонија
Сајкоски: Во програмата „Платформа 1198“ за Битола предвидено е изградба на обиколница што ќе ја поврзува со Грција
Битола и битолчани ќе бидат во фокусот на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За Битола се предвидени многу инфраструктурни проекти. Во новата програма „Платформа 1198“ за Битола е предвидено да се изгради обиколница што ќе ја поврзува со Грција. Предвидено е да се изгради автопат кој што ќе поврзува Битола со Прилеп, а исто така предвидено е да се изгради патот Градско-Прилеп, со тоа што Битола ќе биде поврзана инфраструктурно и ќе има добра можност за економски развој, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.
Исто така, додаде Сајкоски, предвидено е реконструкција и рехабилитација на патот Кичево-Охрид, подобрување на патната инфраструктура кон Ресен, а во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ предвидено е подобрување на железничката инфраструктура.
Како што рече Сајкоски, со ова, Битола ќе добие можност за економски раст и развој, можност за подобра иднина на сите, и за младите и за возрасните.
– Битола ќе го добие процутот онаков каков што треба да го има низ годините. Битола ќе биде економски центар во регионот, рече Сајкоски.
Македонија
Ковачки: Со Платформата 1198 ќе го развиваме истокот на Македонија, изградба на Клиничката болница и обиколница во Штип како и поврзување со Струмица
Полека се враќа ентузијазмот кај нашите граѓани, сите се приклучуваат на идејата за Твоја Македонија и сите ни се приклучуваат на ВМРО-ДПМНЕ. Со Платформата 1198 планираме да го развиваме истокот на Република Македонија, планираме изградба на Клиничката болница во Штип, планираме обиколница околу нашиот Штип и секако планираме физибилити студија, изработка на проект за поврзување на Штип со Струмица. Како што работи успешно нашиот градоначалник во Штип, така планираме да работиме и ние на централно ниво, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.
– Ги повикувам сите граѓани масовно да ни се приклучат на 24 април да го дадат својот глас за број 2 за Гордана Силјановска Давкова да биде претседател на Македонија, а потоа на 8 мај за Христијан Мицкоски и во Изборна единица 3 да освоиме една голема победа за ВМРО-ДПМНЕ и за Република Македонија, рече Ковачки на средба со граѓаните.