Македонија
Пресуда за „Титаник“: Јанакиески и Јанкуловска добија затворски казни, Протуѓер условна
Судијата Осман Шабани досуди условни, но и затворски казни во случајот „Титаник“. Сите обвинети што признаа вина беа во судницата, освен Коста Митровски. Судијата посочи дека сите се виновни за што им се одредени казни. На рочиштето беше објаснето како било спречено гласачи да си го остварат гласачкото право, други биле носени од Косово и од Албанија во Македонија за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а трети биле потсетувани дека треба да излезат на гласачко место за да гласаат. Миле Јанакиески доби најголема казна – 4,6 години затвор.
Мартин Протоѓер, ексшеф на кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски, доби условна казна, која ќе биде затворска казна од две години ако во рок од пет години стори ново кривично дело. Миле Јанакиески, кој беше министер за транспорт и врски, е осуден на 4,6 години затвор. На Гордана Јанкуловска, ексминистерка за внатрешни работи, изречена ѝ е казна од 2,6 години затвор. Билјана Бришковска е казнета со условна казна, која ќе биде затвор од две години ако направи исто кривично дело во следните пет години.
Исто така, и Катерина Веловска, која беше поранешна заменик-министерка за економија, доби условна казна. На Киро Тодоровски, ексшеф на кабинетот на Јанкуловска, му е досудена условна казна. Мунир Пепиќ, кој е осуден за „27 април“, сега доби казна затвор од една година. Коста Митровски доби три години затвор.
„Груевски давал насоки за дејствата. Протоѓер како генсек на ВМРО-ДПМНЕ, како и Миле Јанакиески, го организирал незаконското финансирање на кампањите со намера да придобијат гласачи. Гордана Јанкуловска како министерка учествувала во организирање на групата со притисоци. Катерина Веловска прифатила во текот на изборните денови да се јавуваат кај гласачи за да излезат или да ги спречат. Киро Тодоровски како шеф на кабинетот на Јанкуловска прифатил да носи граѓани од Косово во Македонија за да гласаат. Мунир Пепиќ прифатил да носи лица од Албанија и Косово во Македонија за да им се даде адреса на живеење во Македонија во општини во кои се потребни гласачи. Припадниците на групата извршиле повеќе кривични дела. Протоѓер барал од Јанкуловска службени лица да бидат распоредени во Охрид за да вршат притисоци“, рече судијата Шабани.
Обвинетите беа гонети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Освен тие што признаа вина, обвинети во „Титаник“ се и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, ексгенералниот секретар на тогашната влада, Кирил Божиновски, поранешниот пратеник Илија Димовски, некогашниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, како и уште други 12 обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лукаревска: Од целосно заборавени, домашните претпријатија ги поддржавме со 100 милиони евра, ќе ја дуплираме поддршката
Се радувам што граѓаните и луѓето од бизнис заедницата се искрени и отворени. Разговараме без задршка, без страв, тоа е придобивка од слободата. Сакаме да создаваме партнерства во градењето на европската иднина. Ќе останеме заедно и заедно ќе ги решаваме предизвиците кои што нема да бидат ниту малку ниту лесни. Европската агенда е напорна, бара вклученост на сите, но тоа е најдобриот и најефикасниот начин секој ден работите да ги подобруваме, за да ги достигнеме европските стандарди, рече Лукаревска, носителката во ИЕ3 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија пред новинарите во Кочани.
-И до сега многу работевме за да бидеме конкурентни. Многу вложивме во зајакнувањето на домашните компании. Од целосно заборавени, без никаква финансиска поддршка, ние ги поддржавме со 100 милиони евра. Ќе продолжиме и во следните четири години, зашто тоа е важно и за компаниите и за сигурноста на вработените. Во наредниот мандат домашните компании ќе ги подржиме со 180 милиони евра. Поддршката ќе биде дуплирана. Заедно, партнерски со нив, ќе продолжиме да ја јакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра.
Лукаревска истакна дека дел од овие средства ќе бидат вложени и во праведна енергетска транзиција и енергетска независност.
-Домашното производство на електрична енергија ќе го зголемиме за 70%. Со тоа државата ќе постигне енергетска независност, и самостојно ќе задоволува 100% од сопствените потреби за струја. И тоа главно од гас и од чисти и обновливи извори. Рековме НЕ за малите хидроцентрали и за сите фосилни технологии кои ни ги загадуваат воздухот и почвата.
Сето ова е продолжување на нашата досегашна работа, зашто тоа е важно за стабилноста и за нашата европска иднина.
Не се откажуваме, ќе го задржиме континуитетот, зашто немаме време за губење. Важни се овие избори за да ја славиме победата за европска Македонија, рече Лукаревска во Кочани
Македонија
Митрески: Ги зголемуваме субвенциите за енергија на 120 илјади денари за домаќинства, ранливите потрошувачи ќе добијат поголема поддршка
„Енергетската независност на Македонија е значаен приоритет за СДСМ и за Коалицијата за европска Макединија. И во време на најголемата енергетска криза, граѓаните не го почуствуваа недостатокот на светскиот пазар, затоа што водевме мудри политики и обезбедивме енергија за целата држава. Во наредниот мандат гарантираме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 проценти во однос на 2019 година, со што ќе бидеме енергетски независни“, изјави Јован Митрески, носител на ИЕ 5 за СДСМ и Коалицијата за европска Македонија.
Тој најави дека во наредниот мандат ќе биде зголемен капацитетот на обновливи извори на енергија за најмалку 100 проценти, а еден милион граѓани ќе добиваат енергија од обновливи извори.
„Ги зголемуваме субвенциите од 80 илјади на 120 илјади денари за домаќинства, ги зголемуваме мерките за заштита на правата на ранливите потрошувачи на енергија. Воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроцентрали“, додаде тој.
Митрески најави и дека ќе продолжи поддршката на бизнисите, преку 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производството и 3,5 милијарди капитални инвестиции и гарантираме стабилна даночна политика.
„Воведуваме 0 проценти данок на личен доход за минимална плата, како и по 200 евра за во првите 12 месеци за секое прво вработувањ на лица до 26 години. Планираме инвестиции од над 2,7 милијарди евра, за модернизација на инфраструктурата во сите општини, квалитетна инфраструктура е предуслов за растечка економија и повисок животен стандард“, додаде Митрески.
Македонија
Сајкоски: Во програмата „Платформа 1198“ за Битола предвидено е изградба на обиколница што ќе ја поврзува со Грција
Битола и битолчани ќе бидат во фокусот на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За Битола се предвидени многу инфраструктурни проекти. Во новата програма „Платформа 1198“ за Битола е предвидено да се изгради обиколница што ќе ја поврзува со Грција. Предвидено е да се изгради автопат кој што ќе поврзува Битола со Прилеп, а исто така предвидено е да се изгради патот Градско-Прилеп, со тоа што Битола ќе биде поврзана инфраструктурно и ќе има добра можност за економски развој, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.
Исто така, додаде Сајкоски, предвидено е реконструкција и рехабилитација на патот Кичево-Охрид, подобрување на патната инфраструктура кон Ресен, а во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа 1198“ предвидено е подобрување на железничката инфраструктура.
Како што рече Сајкоски, со ова, Битола ќе добие можност за економски раст и развој, можност за подобра иднина на сите, и за младите и за возрасните.
– Битола ќе го добие процутот онаков каков што треба да го има низ годините. Битола ќе биде економски центар во регионот, рече Сајкоски.