Македонија
Претседателот Иванов и дипломатскиот кор во посета на Вевчани
Претставниците на дипломатскиот кор, воените аташеа, претставници на меѓународни организации и почесните конзули во Република Македонија во рамки на традиционалниот прием што по повод новогодишните празници го организира Претседателот на Република Македонија Горѓе Иванов, во сабота ја посетија општина Вевчани.
Претставниците на дипломатскиот кор, некои од нив за првпат, ќе имаат можност да ги запознаат убавините на тоа место на падините на планината Јабланица, чистиот воздух, недопрената природа кај Вевчанските извори, како и со културно-историските споменици во Општина Вевчани.
Дипломатите со позитивни оценки за идејата на претседателот Иванов да организира вакви средби, каде ќе имаат можност меѓусебно да се сретнат во малку поопуштена атмосфера, надвор од вообичаените строги норми што ги предвидува дипломатскиот протокол.
„Ова е мошне добра и плодотворна иницијатива на претседателот да организира вакви годишни средби и тоа надвор од главниот град. Тоа за нас е можност да посетиме други места, градови во земјата. Две години сум тука како амбасадор и првпат доаѓам во Вевчани, што само е потврда дека на овој начин не само што имам можност да запознаам нешто повеќе за убавините на Македонија, туку и дека ваквите активности се во насока на дополнителна промоција на туристичките потенцијали на Македонија“, изјави Јацек Мултановски, амбасадорот на Република Полска во Македонија.
Сличен став има и Самуел Жбогар, шеф на Мисијата на ЕУ во Скопје, кој исто така вели дека се работи за одлична иницијатива на претседателот да кани на вакви средби надвор од Скопје.
„На некој начин не тера да излеземе од главниот град и да ја видиме земјата, да ја запознаеме и да ја засакаме. Не само што имаме можност да прошетаме и да ги видиме убавините на Вевчани, културно-историското наследство, но и да се сретнеме да разговараме со нашите колеги во малку порелаксирана атмосфера, што секако ни помага во подобрување на нашите односи во контекст на нашите работни обврски тука“, изјави Жбогар.
За градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриновски ова е голем ден, што можат да бидат домаќини на високите гости.
„Чест и задоволство ни е што претседателот Иванов и дипломатскиот кор се гости на Вевчани. Јас ќе ги искористам денешните средби да ги запознаам високите гости со располага што Вечвани, какви се перспективите за развој на општината во областа на туризмот, пред се, за што веќе имаме разработено физибилити студија и мастер-план за ски-центар, како и за можностите за искористување на чистата изворска вода која ја имаме во изобилство за отворање капацитети за флаширање. Очекувам гостите да заминат со убави впечатоци“, рече Угриновски.
Во рамки на посетата на Вевчани дипломатите ја посетија и црквата „Свети Никола“, како дел од богатото културно-историско наследство на Дримколскиот крај.
Според агендата, дипломатите посетата на Вевчани ќе ја заокружат со заеднички ручек, можност да ги вкусат надалеку познатите вевчански специјалитети и да почувствуваат дел од традиционалното гостопримство на луѓето од тој крај на Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Шкријељ: Понудата на ДПМНЕ е понуда за блокада на ЕУ, над 80 проценти од листите се истите пратеници
Составот на кандидатските листи за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема никаква промена во оваа партија. Ова е понуда за блокада на европскиот пат на државата, тоа е кристално јасно, истакна на денешната прес-конференција Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
„Над 80% од предложените кандидати за пратеници се истите кои досега спроведуваа активна блокада на македонското Собрание.
Освен блокада на европскиот пат на државата повеќе од 2 години Собранието е под опструкции, блокади, кочење, од страна на ВМРО-ДПМНЕ
Наместо за интересот на граѓаните и државата се спроведуваа теснопартиски инетерси а често слушнавме и навреди и омаловажувања кон жените-пратенички.
Во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите.
Беа против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во ЕУ.
Тропаа и вревеа со вувузели во парламентот“, вели таа.
Оценува дека граѓаните беа сведоци на одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од опозицијата.
Со истите лица на листите, Белата палата, според Шкријељ потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
В„о ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро, напротив.
Затоа, кристално јасно е.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад со ДПМНЕ далеку од ЕУ“, прецизира пратеничката на СДСМ.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.