Македонија
Пријавени повеќе изборни нерегуларности, соопшти Јавното обвинителство
До 19:00 часот денеска пристигнаа уште неколку пријави за евентуално сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето, по кои постапуваше Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности, информираа од Јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство Струга е известено дека на избирачко место едно лице го искинало гласачкото ливче и го напуштило гласачкото место. По дадени насоки од јавен обвинител, полицијата постапува за негово пронаоѓање и приведување.
Во гостиварското обвинителство пристигната е информација за лице кое го сликало гласачкото ливче. Полицијата постапува во насока на расчистување на настанот.
Во Основното јавно обвинитeлство Кочани примено е едно известување и две кривични пријави. Поднесено е известување од политичка партија, во врска со лице кое вршело организиран превоз на гласачи на избирачко место.
По поднесена пријава за лице кое вршело агитирање на избирачко место во с.Теранци, оформен е предмет и дадени се насоки за натамошно постапување.
Пријавено е и лице кое со возило вршело организиран превоз на гласачи на избирачко место и вршело влијание врз гласачи за тоа како да го вршат нивното гласачко право. По пристигнување на кривичната пријава, во Основното јавно обвинителство Кочани оформен е предмет за сторено кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“.
Основното јавно обвинителство Кавадарци постапува за настан од избирачко место во Демир Капија. Пријавено е дека лице искинало гласачко ливче, поради што оформен е предмет за сторено кривично дело „Уништување на изборен материјал“ . Обвинителството издаде насоки за прибирање докази и комплетирање на документацијата.
Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, формирана во Јавното обвинителство со цел превенирање и спречување на евентуални изборни нерегуларности, денеска ги координираше постапувањата на основните јавни обвинителства по пријави за настани поврзани со изборниот процес. По дадена насока, покрај редовните дежурства, во основните јавни обвинителства беа организирани и дополнителни дежурства на јавни обвинители, кои во текот на денот остваруваа интензивна соработка со службените лица од МВР со цел проверка на наводите од доставените пријави и информации.
Вкупно во текот на организирањето и спроведувањето на локалните избори, во Комисијата, во основните јавни обвинителства и на објавената електронска адреса за пријавување сомненија за изборни нерегуларности, пристигнаа поголем број поднесоци и пријави. По извршените проверки, засега, само во мал дел од пријавените настани се пронајдени елементи на сторени кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Постапувањето на обвинителствата ќе продолжи до целосно расчистување на настаните и донесување на соодветни јавно обвинителски одлуки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.
Македонија
Одѕивот до 15 часот е 35,89 отсто, најмалку гласале во Центар Жупа, а најмногу во Новаци
До 15 часот до Државната изборна комисија пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 2.110 избирачки места.
Од вкупно запишани 1.092.341 гласач на овие избирачки места, гласале 392.066, односно 35,89 проценти.
Според податоците што се пристигнати досега, најголем одѕив е забележана во Новаци со 57,69 % а најмал во Центар Жупа, 13,11 %.
Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 233 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив, 38 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 21 приговор се отфрлени како неуредни, а 22 се одбиени. Другите приговори се во обработка.
На страницата rezultati.sec.mk може да се следи во живо одѕивот на гласачите, вкупен и по општини.
Македонија
ЕУ ќе му даде на Западен Балкан помош од две милијарди евра до 2027 година
ЕУ ќе додели две милијарди eвра грантови и четири милијарди поволни заеми за Западен Балкан од 2024 до 2027 година како дел од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан откога беше одобрен од Европскиот парламент на денешната пленарна седница.
„Инструментот е централен дел од планот за раст за Западен Балкан“, рече коизвестувачот Тонино Пицула на пленарната седница.
Станува збор за финансирање на шесте земји од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија. Во ноември минатата година Европската комисија го претстави Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кој ќе вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми.
Известувачи во име на Европскиот парламент беа хрватските европратеници Тонино Пицула и Карло Реслер.
Пицула беше коизвестувач на ЕП пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), а Реслер беше коизвестувач пред Комитетот за буџет (БУДГ).
Реслер за новинската агенција „Хина“ изјави дека тоа е инструмент споредлив со националните планови за закрепнување и отпорност, но за шест земји во Југоисточна Европа надвор од ЕУ. Тој посочи дека исплатата на средствата е поврзана со конкретни реформски активности.
Реслер апострофира дека ќе се води сметка за усогласување на надворешната и безбедносната политика и визната политика со ЕУ.
Црна Гора и Србија со години преговараат со ЕУ, Албанија официјално ги отвори пред две години, а Македонија само делумно, со оглед на тоа што за целосен почеток на преговорите неопходни се уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Лидерите на земјите членки на ЕУ во март донесоа одлука да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат.