Македонија
Пријавени случаи на организиран превоз, гласање во туѓо име и еден приведен на изборниот ден
Од отварањето на гласачките места до сега е регистрирано едно нарушување на јавниот ред и мир, соопшти на прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Во 9:50 часот пријавено е дека во избирачко место во ОУ ‘Петар Поп Арсов’ во Скопје В. Ш. (47) го нарушил јавниот ред и мир со тоа што почнал расправија со претставници на избирачкиот одбор и во еден момент ја потегнал за чантата претставничката на избирачкиот одбор и со неговиот мобилен телефон ја фотографирал просторијата. Лицето е лишено од слобода, за што е известен дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство од Скопје“, соопшти Ангеловски.
Тој кажа дека гласањето на другите избирачки места се одвива мирно, со почитување на протоколите на гласачките места, а од неправилности што се пријавени во МВР има неколку случаи на агитирање, испишани графити на избирачки места, организиран превоз на гласачи до гласачки места, а има и неколку пријави за наводно нудење пари за глас.
„Потенцирам, ова се добиени пријави по кои постапува МВР, односно ја утврдува фактичката ситуација и откако ќе ги утврдиме фактите соодветно ќе ве информираме“, рече Ангеловски.
Во 7:30 часот во Полициската станица Бит-пазар во Скопје било пријавено дека пред избирачки места во основните училишта „Цветан Димов“ и „Даме Груев“ биле испишани графити во врска со изборите, а графити биле испишани и на основни училишта на ул.Коста Абрашевиќ ,на ул. Браќа Реџепагиќ и на ул. Петре Ѓорѓиев, кои се во надлежност на ПС Чаир. Исто така, во СВР Велес било пријавено дека во близина на избирачко место во с. Сирково, Кавадаречко, биле испишани графити во врска со изборите.
„Во полициската станица Крива Паланка се пријавени два случаи на организиран превоз за гласање, а има и четири пријави за агитирање кон гласачи, и тоа на ул. 8 Октомври, на ул. Јоаким Осоговски, како и во с.Узем и с. Нерав. Агитирање е пријавено и во СВР Струмица, во с. Пиперево и во Нов Дојран, а во село Самоилово наводно едно лице упатувало закани кон друго лице да гласа за политичка партија. Во Полициското одделение Ново Село граѓанин пријавил дека едно лице од Ново Село одзело лична карта на друго лице и гласало во негово име“, соопшти Ангеловски.
Во Полициската станица Радовиш, Ф.В. од Радовиш пријавил дека Б.И. од Радовиш му нудел пари за глас, а во СВР Битола, Е.Е. пријавила дека непознати лица ѝ нуделе пари за глас. Во СВР Битола било пријавено и дека полициски службеник, кој обезбедува избирачко место во училиште во село Дебреште, им кажувал на граѓаните кој број да го заокружат на избирачкото ливче. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола.
„Во СВР Тетово, пак, било пријавено дека во ОУ ‘Коста Рацин’ во с.Брвеница, Тетовско, имало неколку непознати лица кои ги запишувале граѓаните. За сите овие настани се преземаат мерки за расчистување и по утврдување на фактите ќе ја известиме јавноста“, рече Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица кои немаат соодветно образование.
Беќаровски кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант- барал урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
Македонија
Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.