Македонија
Прeдлогот за прогласување на Хераклеја за културно наследство на владина седница
Владата на денешната седница ќе се произнесе за предлог-одлуката за прогласување на Споменичката целина „Археолошки локалитет Хераклеја Линкестис“ во Битола за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, по предлог на Управа за заштита на културното наследство.
Хераклеја Линкестис е градска населба од старомакедонско време до средниот век. Основана е кон средината на IV век пр. н.е. од страна на кралот Филип II Македонски како важен стратегиски пункт. Се наоѓа на јужната периферија на градот Битола, во подножјето на планината Баба.
По предлог на Министерство за економија, Владата на денешната 71. седница. која ќе започне во 12 часот. ќе ја разгледа и информацијата за активностите за изработка на среднорочна стратегија за општествена одговорност, како и предлог-решението за назначување претседавач и членови на Националното координативно тело за имплементација на конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост.
На седницата ќе бидат разгледани повеќе информации и одлуки од доменот на работата на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, како што е точката: Статутарна одлука за измени и дополнувања на Статутот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, со предлог-одлука за давање согласност на статутарната одлука за измени и дополнувања на Статутот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
По предлог на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Владата ќе одлучува по предлог-договорот за доделување државна помош на Друштвото за производство, трговија и услуги „Баумер“ ДООЕЛ Скопје и за предлог-одлуката за давање согласност на договорот за доделување државна помош на оваа компанија.
На седницата ќе бидат разгледани и донесени соодветни одлуки и за нацрт-одлуките за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината, како и нацрт-договорите за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за производство, трговија и услуги „Балканлар пластик производство“ ДОО увоз – извоз Скопје и со Друштвото за производство, трговија и услуги „Зенит интернационал продуктс“ ДООЕЛ Скопје како закупци на земјиште.
Министрите на оваа седница ќе се произнесат и по нацрт-одлуката за изменување на одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината, за нацрт-анекс договорот бр. 1 кон договорот за долготраен закуп на градежно земјиште склучен помеѓу Република Македонија и Владата како основач на ТИРЗ Скoпје 1 со Друштвото за производство на лекови „Саген“ ДООЕЛ Скопје како закупец на земјиште, како и за нацрт-одлука за давање согласност на анекс-договорот бр.1 кон договорот за долготраен закуп на градежно земјиште склучен со оваа компанија.
На седницата ќе биде разгледана и предлог-одлуката за давање согласност на договорот за закуп во ТИРЗ Тетово и предлог-одлука за давање согласност за вршење дејност во ТИРЗ Тетово помеѓу Друштвото за инвестиции „Нормак инвестмент груп“ АД Тетово и „Глас флекс“ ДООЕЛ Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Склучен Меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Македонија
Апасиев: НАТО не носи демократија, НАТО е кршач на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за декларацијата на Собранието по повод четири години од членството во НАТО истакна дека Нато не носи демократија.
Нато, според него, е кршач на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
„Без дозвола на Совет за безбедност НАТО ја нападна Југославија во 1999 година, ја нападна Либија, го нападна Ирак и редици други држави.
Последниот пункт е дека народот сакал во НАТО. Не е точно. Не е испочитуван член 120 од уставот кој што вели: Одлуката за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинство од вкупниот број на избирачи. Референдумот во 2018 беше неуспешен и немаше цензус и оттука уставниот услов за да влеземе во НАТО не е испочитуван, што значи противуставно и против волјата на народот сме влезени во НАТО”, додава Апасиев.