Македонија
Продолжува акцијата за чистење на Скопје
Акцијата за чистење и уредување на јавните површини која ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и десетте скопски општини денеска продолжи во Аеродром, Шуто Оризари, Гази Баба, Чаир и во Бутел.
За време на спроведувањето на акцијата на јавните претпријатија увид во состојбите на терен извршија градоначалниците на Скопје и Општина Гази Баба, Петре Шилегов и Борис Георгиевски.
„Во текот на оваа акција на располагање на општините се става целиот потенцијал на градската администрација и јавните претпријатија. Наша крајна цел со оваа акција е да извршиме потемелно чистење и отстранување на дивите депонии коишто се наоѓаат внатре во самите општините, да го уредиме зеленилото, како и да ги санираме ударните дупки по споредните улици“, рече Шилегов.
Во сите општини поставени се по три пункта на кои граѓаните можат да го одлагаат кабастиот отпад кои деновиве ќе биде подигнат од страна на екипите на „Комунална хигиена“. Шилегов рече дека се планира да бидат отворени од три до пет локации во секоја општина каде што во определени денови граѓаните ќе можат без надоместок да го одлагаат кабастиот отпад.
Шилегов информираше дека на последниве денови во подножјето на Парк шумата Гази Баба имало обид за извршување на градежни работи и истите се прекинати по извршен увид на градските и општинските инспектори и претставници на МВР. Тој додаде дека е констатирано неправилно вршење на работа и од понеделник ќе биде издадено решение за отстранување на песокот на инвеститорот во рок од три дена, а доколку тоа не го стори во овој рок истиот ќе биде отстранет од ЈП „Улици и патишта“ и тоа ќе биде наплатено на инвеститорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојмацалиев: МВР работи исклучиво по закон за фер, слободни и демократски избори
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и државната секретарка Магдалена Несторовска го посетија Оперативниот Штаб во МВР во рамки на ОА „Претседателски и парламентарни избори 2024”, на кој присуствуваа и претставници на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, ОБСЕ и ОДИХР.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги поздрави гостите од САД, ОБСЕ и ОДИХР и уште еднаш потенцираше дека на колегите во Оперативниот Штаб им посочил да се работи исклучиво согласно законските норми и прописи, а со цел гарантирање на безбедноста на фер, слободни и демократски избори, впрочем како што се работело и досега од 2017 година навака, без забелешки за изборниот процес.
Притоа, Бојмацалиев беше брифиран за текот на изборниот процес, за активностите и мерките кои ги презема МВР во делокругот на своите надлежности.
„Бев информиран дека гласањето не беше започнато на неколку места во предвиденото вре,е, а на неколку е почнато со задоцнување или прекинато, на различни подрачја, сите поради технички проблем со читачот на отпечаток на прст. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријава за испукана димна бомба, од страна на тим на антитероризам извршена е проверка, подигната е направата и објектот е предаден на Претседателот на Избирачки одбор. На подрачје на СВР Куманово регистрирани се два настани и тоа пријава за организирано носење на гласање на стари лица и поставен штаб во близина на гласачко место. За време на предизборниот молк, во периодот од 06,00 до 07,00 часот, регистрирани се три настани на подрачје на СВР Скопје за испишани графити”, информираше Бојмацалиев.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А. И. (48) затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите, извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец’, со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите наводно го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело, и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.