Македонија
Рашковски: Договорот за хеликоптерска прва помош и спасување нема да ја чини државата ни денар
Генералниот секретар во владата, Драги Рашковски, зборуваше за спроведената постапка за избор на најповолна понуда за јавно-приватно партнерство за формирање платформа за хеликоптерски итен медицински систем во Северна Македонија (ХЕМС) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (САР).
Тој детаљно објасни за постапката според која за избор на приватен партнер за оваа дејност се утврдува САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, компанија, која, како што рече, ги задоволила условите на јавниот повик и која е на SHC Swedish Helicopter Consortium AB регистрирана во Шведска.
„Обврска на приватниот партнер, односно САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, е во рок од 6 месеци да изгради 8 сертифицирани хелиодроми во 8 града во Северна Македонија, а Владата да отстапи за таа намена државно земјиште на привремено користење“, нагласи владиниот генерален секретар и како целосни дезинформации ги оцени наводите што ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе во јавноста дека овој договор ќе ги чини граѓаните и буџетот на државата 72 милиона евра.
„Тоа е злонамерна интерпретација добиена од вредноста на инвестицијата, што е трошок на приватниот партнер, помножена со бројот на годините на кои ќе биде потпишан договорот. Напротив, освен што државата овој договор нема да ја чини ни денар, двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување оваа дејност, во согласност со договорот за ЈПП, по истекот на договорот во рок од 8 години, остануваат во сопственост на Република Северна Македонија“, појасни Рашковски и истакна дека компанијата САРХЕМС ДООЕЛ Скопје во текот на траењето на договорот има обврска да плаќа надомест за стекнатото партнерство за вршење оваа дејност во висина од 10.000 евра годишно.
Генералниот секретар посочи и дека согласно критериумите на повикот, САРХЕМС ДООЕЛ Скопје најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот ќе стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување, бесплатно за граѓаните на Северна Македонија, кои најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата.
Тој информираше дека интерес за повикот покажале 8 компании, од кои 5 подигнале тендерска документација.
„Тоа се компаниите Babcock International, German Healtcare Services DOO Kosel-Ohrid, SHC Swedish Helicopter Consortium AB, Eli Friulia Helicopter Centar (SOS ARL), и Air Transport Europe“, откри Рашковски и додеде дека договорот за Јавно приватно партнерство треба да биде потпишан најдоцна за 30 дена од донесувањето на одлуката за прифаќање на ЈПП за оваа дејност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Мојата цел беше не да победам, туку да вознемирам една застојана елита
Кандидатот за претседател на Македонија, Билјана Ванковска упати честитка за победниците, по завршувањето на првиот круг од претседателските избори.
„Јас сум среќна за можноста што ми ја даде Левица да зборувам слободно, чесно, отворено и радикално – да понудам нешто што мнозина не беа спремни да го прифатат како опција. Народот очигледно не е подготвен за тоа. Мојата цел беше не да победам туку да вознемирам една застојана елита. Колку успеав, ќе видите наскоро. Не сакам да бидам пророчица, но новиот претседател ќе се соочи со сето она за што предупредував“, напиша Ванковска на социјалните мрежи.
Македонија
Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски
Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е опција за нас. Нема друга опција за нас освен патот на европска интеграција, порача вечерва лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Додаде дека е задоволен што гласањето поминало во мирна и демократска атмосфера.
„Се надевавме на подобри резулатти, но време е да ги ставиме на страна сите разлики и да се обединиме зад идејата за европска Македонија. Занм дека многу наши поддржувачи се разочарани. Но сега не е време за откажување. Имаме уште две недели, јас ќе бидам на терен секој ден со вас, и ќе работиме за да ја добиеме поддршката за европска Македонија“, рече Ковачевски.
Порача дека нема откажување.
„Ние нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, ќе продолжиме да се бориме се додека не победиме“, порача лидерот на СДСМ.
Ковачевски му упати порака и на Пендаровски.
„Ова е наша заедничка борба, ќе се бориме заедно рамо до рамо, ова е најважната битка за македонската иднина. Борбата за европска Македонија продолжува и на 8 мај, во вториот круг на претседателските и парламентарните избори. Се гледаме за две недели! Да живее европска Македонија“, рече тој.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Цунамито се крена, на 8 мај ќе ги потопи целосно, победуваме со над 170.000 разлика
Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прваи голема грешка, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ветив дека ќе победиме со најмалку 100 илјади гласови разлика, победуваме со повеќе од 170 илјади гласови. Зборувавме дека многу работи ќе се случат не ни веруваа, не потценуваа, мислеа дека си имаат работа со мали деца. Но ние благодарение на народот покажавме и докажавме дека Македонија ја има и ќе ја има уште многу долго време. Ветував многу работи и сите работи се случија, не напаѓаа и од внатре, ни се закануваа, се обидуваа да не делат, се обидуваа да ја делат Македонија, користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ, но ние издржавме. Ви благодарам од срце народе на Македонија. Ветував дека ќе се случи народ и денеска се случи народ. Ова е голема победа за македонскиот народ. Пораката е јасна, Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот. Ние заедно со вас наспроти стотина трговци од ДУИ и СДСМ се причина за целото страдање сиромаштија и криминал во Македонија. Нашата сила сте вие народот“, кажа Мицкоски.
„Резултатите кои ги постигнавме оставаат простор да бидеме задоволни, имаме огромна историска победа на многу избирачки места. Оваа власт паѓа. Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција. Над 600 илјади луѓе гласаа против власта, ова е победа на народот, цунамито се крена, а на 8 мај ќе ги потопи целосно. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавство. Ова е револуција на народот на Македонија. Работата не е завршена, а власта не е нималку наивна. На осми мај е потребен убедлив резултат, јасна победа врз оваа криминална и корумпирана власт“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој упати порака до оние кои излегле и гласале за власта дека нема да има освета кон било кој.
„Ги почитувам вашите уверувања, повеќе никој не смее да ве плаши. Единствено треба да се плашат тие што се огрешиле кон законите, а со тоа се огрешиле кон народот. Е тие ќе одговараат“, кажа Мицкоски