Македонија
Реакција на мрежата за борба против хомофобија: „Педер“ го симболизира општеството кое гаи омраза, страв и гадење кон нас
,,Почитуван премиере Заев, ЛГБТИ луѓето зборот „педер“ го слушаат секојдневно; во училиштата, на улица, во државните институции, од ресторани и берберници до полициски станици. Да се биде „педер“ во Северна Македонија значи да се живее во средина која те дехуманизира, ти ја ограничува слободата, најгрубо ти се замешува во приватноста и не ти овозможува да ги остваруваш своите желби и планови под еднакви услови како и останатите граѓани. Бидувањето „педер“ некои од нас ги чинело и многу повеќе: насилство кое полицијата никогаш не го решила, семејства кои нѐ повредиле и не нѐ прифаќаат, насилство кое оставило длабоки рани од кои црпиме мотивација за отпор и солидарност, за ревносна борба за нашите права и рани на кои сме горди. „Педер“ не е нечија карактерна особина, „педер“ го симболизира општеството кое гаи омраза, страв и гадење кон нас, се вели во реакцијата на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија по повод изјавата на премиерот Зоран Заев.
,,Откако јавноста дозна за случајот „Рекет“ во кој е вмешан Бојан Јовановски, во медиумите и на социјалните мрежи фокусот е ставен на неговата претпоставена сексуална ориентација и истата се користи за лично омаловажување и исмевање, со што се прави голема штета по достоинството на целата заедница. Најверојатно не треба да објаснуваме дека сексуалната оринетација на Боки 13 нема врска со неговото противзаконско делување. ЛГБТИ луѓето не се хомогена група, исто како и хетеросексуалците, можат да бидат конзервативни или либерални, религиозни или атеисти, да припаѓаат на различни етнички заедници, да се занимаваат со криминални дејствија или чесно да си го заработуваат лебот. Ако хетеросексуалец направи криминал, никој нема да ја спомене ниту тоа ќе го припише на неговата хетеросексуалност, но ако геј маж го направи истото, целата јавност па дури и премиерот ќе ја потенцира неговата сексуална ориентација. Ова е всушност и централното прашање на дебатата за нашата еднаквост. Двојни стандарди, мнозинство кое прави посебен случај од себе додека истите права ги негира за ЛГБТИ луѓето, сеприсутни митови за неморалните и за гадните „педери“ наменети за заплашување и мобилизација на јавноста против еднаквоста, слободата и достоинството на ЛГБТИ луѓето.
ЛГБТИ заедницата во Вас и во Вашата партија гледаше и сѐ уште гледа сојузник. Не можеме да негираме дека во однос на правата на ЛГБТИ луѓето се остварија клучни чекори: донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, преземањето на финансирањето на ХИВ програмата, измени на Кривичниот закон во делот за делата од омраза, организирање на првата Парада на гордоста, препознавањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет и во други закони од областа на медиумите и образованието. Но нашиот живот и нашето секојдневие не се многу променети. Не можеме да останеме неми и на пропустите што ги правите: како двете изјави на министерот Филипче кои предизвикаа огромна штета на трансродовите луѓе, фактот што Министерството за внатрешни работи сѐ уште не гони нити препознава криминал од омраза, нерешените случаи на хомофобичните напади на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Управата за матична евиденција која одбива да ја спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права за промена на личните документи на трансродов маж, бројни пријави за говор на омраза кои заглавиле некаде помеѓу полицијата и обвинителството итн. Проблемите со кои се соочуваме се бројни, а вакви изјави од државниот врв не помагаат во нивно решавање.
Ве повикуваме да се извините јавно, овој пат по уште понавредливите оправдувања, со цел да се санира штетата предизвикана врз јавното мислење од вашата изјава. Но уште поважно, Ве повикуваме интензивно и сериозно да се зафатите со унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Тоа е единствен начин да се надомести за исклучувањето, стигмата и насилството кое оваа заедница го искусува и да се изгради едно општество за сите!”, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.
Македонија
Одѕивот до 15 часот е 35,89 отсто, најмалку гласале во Центар Жупа, а најмногу во Новаци
До 15 часот до Државната изборна комисија пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 2.110 избирачки места.
Од вкупно запишани 1.092.341 гласач на овие избирачки места, гласале 392.066, односно 35,89 проценти.
Според податоците што се пристигнати досега, најголем одѕив е забележана во Новаци со 57,69 % а најмал во Центар Жупа, 13,11 %.
Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 233 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив, 38 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 21 приговор се отфрлени како неуредни, а 22 се одбиени. Другите приговори се во обработка.
На страницата rezultati.sec.mk може да се следи во живо одѕивот на гласачите, вкупен и по општини.
Македонија
ЕУ ќе му даде на Западен Балкан помош од две милијарди евра до 2027 година
ЕУ ќе додели две милијарди eвра грантови и четири милијарди поволни заеми за Западен Балкан од 2024 до 2027 година како дел од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан откога беше одобрен од Европскиот парламент на денешната пленарна седница.
„Инструментот е централен дел од планот за раст за Западен Балкан“, рече коизвестувачот Тонино Пицула на пленарната седница.
Станува збор за финансирање на шесте земји од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија. Во ноември минатата година Европската комисија го претстави Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кој ќе вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми.
Известувачи во име на Европскиот парламент беа хрватските европратеници Тонино Пицула и Карло Реслер.
Пицула беше коизвестувач на ЕП пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), а Реслер беше коизвестувач пред Комитетот за буџет (БУДГ).
Реслер за новинската агенција „Хина“ изјави дека тоа е инструмент споредлив со националните планови за закрепнување и отпорност, но за шест земји во Југоисточна Европа надвор од ЕУ. Тој посочи дека исплатата на средствата е поврзана со конкретни реформски активности.
Реслер апострофира дека ќе се води сметка за усогласување на надворешната и безбедносната политика и визната политика со ЕУ.
Црна Гора и Србија со години преговараат со ЕУ, Албанија официјално ги отвори пред две години, а Македонија само делумно, со оглед на тоа што за целосен почеток на преговорите неопходни се уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот. Лидерите на земјите членки на ЕУ во март донесоа одлука да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат.