Македонија
Ристов: Нови 70 места во градинката во Железара, капацитетите во градинките во Гази Баба зголемени за 220 места
Општина Гази Баба со поддршка на МТСП реализираше проширување на капацитетите за цели 70 места во градинката „Калинка“ во населба Железара, изјави на прес-конференција Мартин Ристов, советник во Советот на општина Гази Баба.
Дополнително, како што рече Ристов, реализирано е проширување на капацитетите во градинката „Морковче“ во Јурумлери, а во тек е изградба и на новата градинка во Стајковци.
„Со посветено и одговорно работење за само 2 години обезбедуваме нов и модерен лик на градинките и проширени капацитети од повеќе од 220 места со што полека го решаваме проблемот со долгите листи за чекање. Како одговорна и посветена власт најавуваме дека од следната година почнуваме со изградба и на градинките во Ќерамидница, Сингелиќ, Инџиково и Трубарево“, додаде Ристов.
Нагласи дека со рекордното зголемување на платите на персоналот во градинките, владејачкиот СДСМ покажал дека посветено се грижи за развојот на децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија, 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјава право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.