Македонија
Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за преговори за членство во ЕУ, се наведува во новиот извештај
Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по европскиот пат.
Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето во делот на ЕУ-реформите и ги зголеми своите напори за испорачување конкретни резултати и натаму. Ова се наведува во извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија, кој е објавен во Стразбур. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи, денеска го презентира извештајот пред пратеници од Комисијата за надворешни работи на Европарламентот, пренесе „Дојче веле“.
Европската комисија предупредува дека одлагањето на официјалниот почеток на преговорите за членство има негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ. Поради тоа, како што се наведува во извештајот, билатералните прашања меѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени. Комисијата ја истакнува важноста од постојано имплементирање на договорот од Преспа и договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни.
Во извештајот се препорачува земјата да го зајакне капацитетот за парламентарен надзор над разузнавачките служби, а Владата треба да го задржи реформскиот импулс и да се фокусира на имплементација на постојната правна рамка. Наведено е дека е постигнат одреден напредок во финализирањето на хоризонталната функционална ревизија на државната администрација. Важно е ревизијата да биде усвоена од Владата. Во извештајот се додава дека треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Во него се нотира и дека е постигнат одреден напредок и во борбата против тероризмот и спречувањето насилен екстремизам. Во однос на економските критериуми, се оценува дека Северна Македонија постигнала одреден напредок и е на добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Понатаму, се наведува дека е потребен поголем напредок в година во однос на внатрешниот пазар, имено слободното движење на стоки, услуги и капитал, интелектуална сопственост и политика за конкуренција бидејќи е релевантен за подготовките на Северна Македонија да ги исполни барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и за развојот на заедничкиот регионален пазар.
Комисијата очекува првата меѓувладина конференција да се одржи што побргу, штом се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски да не го блокира Законот за рестриктивни мерки, велат од СДСМ
Пратеникот Антонио Милошоски од ДПМНЕ да не го блокира Законот за рестриктивни мерки во македонското Собрание, велат од СДСМ,
„Последната одлуката на нашиот стратешки партнер, САД е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе овој закон и да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство. Милошоски кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, веднаш да го стави на дневен ред Законот за рестриктивните мерки, Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен“, додаваат од СДСМ.
Како што велат,нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања.
„Секој чекор поблиску до ЕУ ќе значи позасилена борба против високата корупција и во иднина значително ќе влијае на намалувањето на ваквите случаи и ќе придонесе во обезбедувањето правичен правосуден систем“, завршуваат од СДСМ.
Македонија
За кампањата на Пендаровски се користат државни ресурси-дали и анкети и стратегиите за кампањата се платени со народни пари, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Стево Пендаровски го погази зборот по којзнае кој пат. Велеше дека нема да се користат државни ресурси во неговата кампања, за сега да бидеме сведоци дека вицепремиерот Маричиќ со службено возило дојде да се потпише за кандидатурата на Пендаровски, па дури и самиот Пендаровски се појави на промоција на проект кој нема никаква врска со неговите досегашни надлежности и искористи службено возило за да оди на отворање на штаб на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали ова не е злоупотреба на државата за партиски цели? Дали народните пари се трошат за партиските и изборните цели? Дали и колку државни ресурси се потрошени за ангажирање на анкети и стратези за кампањата на Пендаровски? Еднаш кога веќе не си отстои на зборот, зошто јавноста би верувала на чесен збор дека не се трошени државни ресурси во претсрет на кампањата на Пендаровски и во други случаи?! Надлежните институции треба внимателно да ги следат активностите на Пендаровски, СДС и ДУИ во пресрет и за време на кампањата. Дали Пендаровски заборави за тоа што го зборуваше кога објаснуваше дека не треба да се мешаат државата и партијата?“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, можеби Пендаровски заборавил што зборувал, ама јавноста гледа што прави и како си ги погазува своите зборови.
„Пендаровски го девалвираше достоинството на народот и на Македонија. Затоа време е за промени“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје
Без струја неколку скопски општини
Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00 до 12,00 часот дел од корисниците од с. Крушопек ( влезот на селото) о. Сарај;
· Од 10,00 до 15,00 часот дел од ул.4 во Сарај о. Сарај;
· Од 08,30 до 15,30 часот дел од ул. Македонско-Косовска Бригада, дел од ул. Никола Малешевски и дел од ул. Џон Кенеди бр.27 о. Чаир;
· Во период од 09,00 до 15,00 часот дел од ул.2 и дел од ул.10 с. Долно Лисиче о. Аеродром.