Македонија
Се крати бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, нови кадри ќе се бираат преку јавен повик
На предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница го усвои Предлог -законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија со кој се намалува бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија.
Согласно новото законско решение бројот на членови на управните одбори се намалува од сегашните 15, на 7 членови, односно 5 во помалите општини, а бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намалува од сегашните 5 на 3 членови, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот Фејсбук профил.
Дополнително со измените и дополнувањата, се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот. Новата регулатива треба да го подобри и изборот на кадри за тие позиции како и да воведе ред во висината на надоместокот кој го земаат членовите на управни и надзорни одбори.
Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија се воспоставува транспарентност при постапката за избор на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, како и мерит процедура при селекцијата и именувањето.
Според законското решение, за првпат станува законска обврска објавувањето на јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија и тоа на веб-страниците на Владата, односно општината или Градот Скопје и на веб-страницата на самото јавно претпријатие три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав.
На јавниот повик ќе може да аплицираат сите граѓани кои ги исполнуваат законските услови за членови на управни и надзорни одбори.
Како што наведуваат од министерството, со предложените законски измени се очекува подигнување на стручноста и професионалноста при управувањето и надзорот на работењето на јавните претпријатија.
Со измените во Законот за јавни претпријатија се зајакнуваат критериумите кои треба да ги исполнуваат идните членови на управни и надзорни одбори во делот на образованието и работното искуство. Исто така се воведува законска обврска за формирање на Комисија за селекција, која на најтранспарентен начин ќе ја врши постапката за селекција на сите пријавени кандидати.
Дополнително, Предлог- законот пропишува и услови за разрешување на членовите на управните и надзорните одбор на јавните претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Во Македонија владее една структура што е на заминување меѓутоа е под директно влијание на Мала Речица
Во изминатиот период во изминатите неколку дена имав можност да посетам многу населени места, градови села се сретнав со многу луѓе со земјоделци со образовни работници со лекари со воени лица со полицајци и секаде каде што одев преовладуваше една иста мисла. Време е за промени време е Македонија да престане да губи време Македонија да почне да победува- кажа Драган Ковачки член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ3 од митингот во Ранковце.
„Време е Македонија да ја вратиме во рацете на граѓаните, затоа што Македонија ни е одземена, ни е украдена и затоа што Македонија ни е понижена. Во Македонија владее една структура што е на заминување меѓутоа е под директно влијание на Мала Речица. Значи луѓе со 13 пратеници во изминатиот период успеаја да ја девастираат Македонија. Да го уништат системот да ги уништат институциите“, кажа Ковачки и додаде:
Здравството не функционира, земјоделците ни велат немаме загарантирана откупна цена, немаме вода за да си ги наводнуваме нашите ниви, немаме откупни центри епа затоа владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува дека ќе вложи 800 милиони евра само за земјоделците. Ќе ги реновираме сите водоводни канали. Ќе воведеме откупна загарантирана цена и ќе отвориме нови откупни центри.
Тој рече и дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма ветува 5 000 денари покачување на пензиите за сите. Ветуваме проширување на позитивната листа на лекови. 250 милиони евра директна помош за Општините.
„ВМРО-ДПМНЕ ветува реализација на следните проекти: Изградба на делницата од Страцич (Чатал) до Длабочица како дел од експресниот пат А2, од Ранковце до Крива Паланка од патниот коридор 8 до Република Бугарија. Ќе се работи на изградба на канализациона мрежа за Опила, изградба на патен правец с. Петралица до село Баратлија, изградба на општински пат Радибуп до Средна маала, како и повеќе други проекти кои заедно со Општината Ранковце ќе ги реализираме“, нагласи Ковачки и додаде:
За сето тоа потребна ни е поддршка, масовната излезеност за пет дена од сега ни е многу важна. Поддршка на 24-ти април за г-ѓата Гордана Силјановска Давкова. Потоа на 8-ми мај да славиме голема и убедлива победа, да си ја вратиме Македонија.
Македонија
(Видео) Милошоски: Владата од ВМРО-ДПМНЕ ќе додели поголем број на средства за Радовиш, реконструкција на стоковната куќа и инфраструктурата ќе бидат во првите приоритети
„Би сакал да изразам благодарност за поканата од страна на градоначалникот и соработниците на Општина Радовиш. Од она што може да се забележи општина Радовиш во моментов има два крупни проблеми, првиот е еден мал скромен буџет, а вториот проблем е што самата централна власт на општината и прави опструкции со политички намери“, рече Антонијо Милошоски, кандидат за пратеник во изборна единица 4.
„Со промената на власта овие два проблеми за Радовиш ќе бидат надминати, затоа што новата влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да додели за секоја општина поголем број на средства секоја година и за тие средства да бидат искористени за корист на општината и граѓаните.
Реконструкцијата на стоковната куќа и нејзината пренамена во објект кој ќе го користат граѓаните и ќе биде од јавен интерес е еден од првите проекти на кој сакаме да дадеме поддршка на општина Радовиш.
Исто така би сакале да дадеме поддршка за сите оние околни населени места во општина Радовиш за да може инфраструктурата во тие места да биде поддржана и со средства од централната власт.
За да може тоа да се случи ние би сакале да има што поголема излезеност. За да се случат промените нас ни треба тоа да го направиме заеднички со сите граѓани без разлика на нивната политичка, национална или социјална припадност и мислам дека во овој случај победникот се насетува кој ќе биде. Нам ни треба разликата да биде поголема по број на пратеници за да можеме како влада да не зависиме и да не бидеме уценувани од други политички субјекти и да ја постигнеме нашата политичка цел, формирање на влада во која нема да учествува ДУИ.
Сметаме дека оваа партија досега не направи добри работи, напротив, стана еден фактор на висока корупција и криминал и ВМРО-ДПМНЕ има намера во новата влада да не вклучува вакви субјекти за да можеме реформите и на државата и помошта на општините да ги спроведуваме на поефикасен начин“, соопшти Антонијо Милошоски, кандидат за пратеник во изборна единица 4.
Македонија
Времето утре – променливо облачно со сончеви периоди
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 13 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.