Македонија
Синдикатот на Клиничкиот центар го поддржува протестот против насилството врз здравствените работници
Синдикатот на Клиничкиот центар го поддржува протестот со мото „Стоп за насилството врз здравствените работници“, организиран од Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари и го повикува своето членство масовно да му се придружи на протестот закажан за среда, 18 септември, во 11 часот, на хелиодромот во Клиничкиот центар.
Од таму велат дека членовите на Синдикатот својата получасовна пауза ќе ја користат од 11 до 11.30 часот со цел да може да му се приклучат на протестот.
„Во оваа пригода сакаме да истакнеме дека Синдикатот на Клиничкиот центар во целост се согласува со министерот Филипче дека насилството врз докторите, медицинските сестри и другите вработени во здравството е рецидив од минатото и резултат на претходните популистички политики, но истовремено го прашува што направи тој во изминатиот период за да го реши тој рецидив. Според зачестените, а не повремени и инцидентни напади на вработените во здравството, очигледно ништо или со бројки изразено, ако неговиот претходник пред 5 години се соочувал со 5 случаи на напади на доктор годишно, министерот Филипче се соочува со 15 случаи на напад на доктор за изминатите 9 месеци од оваа година“, велат од Синдикатот.
Како и за многу други битни работи во здравството, велат од таму, министерот Филипче го исклучи Синдикатот на Клиничкиот центар од учеството во дебатите за решавање на проблемот со насилството во здравството. Со таа постапка, додаваат од таму, ги остави вработените во Клиничкиот центар без влијание во креирањето на политиките на надлежните институции во решавањето на овој многу важен проблем.
„Од овие дебати за изнаоѓање решенија за спречување на насилството ја исклучи и Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари, иако е организатор на протестот на кој го најави своето присуство и рече дека ќе го предводи. Со ваквиот селектиран и нетранспарентен пристап дебатата во Деканатот на Медицински факултет – Скопје доживеа несакан, но предвидлив исход. На самата дебата присуствуваа повеќе излагачи од слушатели, а претседателот на Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари јавно ги прогласи организаторите на дебатата за неподобни на протестот. На крајот да прашаме како може да прави дискриминација на вработените во ЈЗУ и на едните да им обезбеди професионално обезбедување, а на другите да им посака добра среќа поради фактот дека по неговите процени се со помала веројатност дека некој ќе ги нападне“, велат од Синдикатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.