Македонија
Синдикатот на Клиничкиот центар против концептот за јавно-приватно партнерство
Синдикатот на Клиничкиот центар не го прифаќа концептот за јавно-приватно партнерство во јавните здравствени установи што се во состав на Клиничкиот центар, вклучувајќи ја и стерилизацијата.
„И на Синдикатот на Клиничкиот центар и на јавноста добро им се познати значењето и улогата на јавното-приватно партнерство и правата на вработените во таквите јавно-приватни партнерства“. Тоа се однесува и за правата на пациентите во таквите јавно-приватни болници, каде што главниот интерес на новите јавно-приватни газди е исклучиво и единствено профитот“, велат од Синдикатот.
Нивниот став е дека Клиничкиот центар како установа од посебен интерес за државата треба да се изземе од планирањето при вакви и слични реформи во јавното здравство.
Оттаму додаваат дека не прифаќаат каков било натпревар или споредба на Универзитетска клиника со приватна здравствена установа.
„Несфатлива е и помислата дека Универзитетска клиника може да се затвори на сметка на приватна здравствена установа.
Секој што ќе доведе до затворање на Универзитетска клиника на сметка на приватна здравствена установа треба да е свесен дека неповратно го почнува процесот на уништување на јавното здравство со сите несакани последици за пациентите и граѓаните“, предупреди Синдикатот на Клиничкиот центар.
Според Синдикатот, ваквите реформи во јавното здравство се спротивни на претходно ветените заложби на Владата за зајакнување на јавното здравство.
Синдикатот на Клиничкиот центар ги потсети министерот за здравство и премиерот за нивните ветувања, кои Синдикатот ги поддржа и ја чека нивната реализација:
1. Основна плата на доктор специјалист во терциерно здравство до 2020 година од 100.000,00 денари; двојно зголемување на платите на другите здравствени работници;
2. Единствен клинички центар;
3. Бесплатен паркинг за вработените во Клиничкиот центар или да не е повеќе од 200 денари месечно.
Синдикатот на Клиничкиот центар го потсети министерот за здравство дека крајниот рок што тој го одреди за изградба на 2-3 катни гаражи истекува за 2 недели, а како што велат, тој ветил дека по изградбата на катните гаражи, картичката за паркинг за вработените во Клиничкиот центар ќе биде бесплатна или нема да е повеќе од 200 денари месечно.
Во меѓувреме, оттаму обвинуваат дека сè уште не е поставен ниту еден столб на просторот предвиден за катни гаражи, а вредноста на картичката за паркинг за вработените во Клиничкиот центар е зголемена 229 отсто и изнесува 800 денари, што, според нив, за одделни профили на вработени е еднакво на процентот на покачување на јануарската плата.
Синдикатот на Клиничкиот центар и вработените очекуваат реализација на ветените програми и планови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и Бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.