Македонија
Скандалозно решение на Апелациониот суд во Скопје против новинари
Советот на Апелациониот суд во Скопје, составен од судиите Татјана Дуковска како претседател на Советот, Тања Милева и Јусуф Ајрулахи, донесоа скандалозно и срамно решение против новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ, oцени Здружението на новинарите.
Апелациониот суд во Скопје со решението од 8 ноември ја укина пресудата на Основниот кривичен суд во Скопје и го врати предметот на повторно судење. Станува збор за приватната кривична тужба на пратеникот и претседател на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, против колешката Јордановска и колегата Петровиќ и правното лице „Онлајн медија“ ДОО од Скопје за кривичното дело неовластено објавување лични записи.
Повод за тужбата на Апасиев кон новинарите беше објавениот текст со наслов: „’Сороспии’ и ‘курирци’ – Апасиев агресивен кон новинарите на „А1он“ кога беше запрашан дали ќе ги задржи буџетските пари“, објавен на 7 декември 2020 година на онлајн-медиумот „А1он“.
ЗНМ потсетува дека во постапката за овој случај, која траеше речиси една година, тужителот не се појави лично ниту еднаш на судска расправа, а новинарите повеќепати присуствуваа на расправи во судот, каде што ја застапуваа својата одбрана. Основниот кривичен суд Скопје пресуди во полза на новинарите во февруари оваа година, а со решението скопска Aпелација го враќа на повторно судење и новинарите веќе имаат покана за рочиште овој месец.
Ваквите одлуки на судиите од Апелациониот суд во Скопје и ваквата судска пракса, кога станува збор за приватни тужби на лидери на партии и пратеници кон новинари, негативно се одразува на слободата на изразување и поттикнува самоцензура.
„Повторно укажуваме дека ваков вид тужби служат да се предизвика заплашување и разни трошоци или, едноставно, исцрпување на тужените новинари. Целта не е да се добие правда, туку да се малтертираат тужените со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување јавно учество (SLAPP). Овие тужби, особено кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, може да предизвикаат цензура кај новинарите, а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните“, велат од Здружението на новинарите.
ЗНМ за ова решение на скопска Апелација ќе ја извести Европската федерација на новинарите (ЕФН), каде што ЗНМ е членка и ќе укаже дека станува збор за притисок преку судот на слободното новинарство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одѕивот до 18.30 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите
Одѕивот до 18.30 часот на седмите претседателски избори е 48,44 отсто од гласачите, според податоци од 3174 гласачки места. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски соопшти дека гласале 801.074 граѓани.
„Според податоците за излезност кои се пристигнати досега најголемата излезност, како и досега, е забележана во Новаци од 71,07 отсто, додека најмалата излезност е во Центар Жупа од 16,90 отсто. Во текот на денот гласањето се одвиваше мирно и без поголеми инциденти на гласачките места“, рече Даштевски.
Уважени се 134 приговори и на граѓаните им е овозможено избирачкото право. На бесплатната телефонска линија 0800 555 44, која беше активна во текот на целиот ден има 10 јавувања, а преку видеоповик на телефонската линија 074 488 360 информации побарале осум лица со оштетен слух.
Гласањето ќе се продолжи онаму каде што е прекинато повеќе од еден час. Такви се едно место во Демир Хисар, едно место во Липково, едно место во Делчево и едно место во Могила.
На три места во Куманово имало прекин на гласањето подолг од три часа поради што гласањето било прекинато. Претседателот Даштевски објасни дека за овие три места во Куманово ќе има прегласување само доколку се утврди дека можат да влијаат на конечниот резултат.
Македонија
Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт
Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува за правецот во кој треба да се развива нашата татковина, онаква каква што сакаме да ја видиме напредна земја со европски стандарди во правото, здравството, образованието, земјоделието и сите други области значајни за граѓаните, кажа Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од аспект на изборниот процес, според него, тој поминал како што рече, генерално во фер и демократска атмосфета, со низа помали прекршувања, пред се предизвикани од партиите на власт и нивните активисти.
„Имено од досегашните податоци за нерегуларности кои ги имаме добиено од набљудувачите, забележано е вршење на притисок врз гласачи во општина Сарај, но и импровизиран штаб во непосредна близина на гласачко место во училиштето Гоце Делчев во Гостивар. Исто така забележани се случаи на семејно и колективно гласање, за кое истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи.
На неколку избирачки места во втората изборна единица, поточно во Куманово, нотирани се нерегуларности од типот на нефункционалност на убиг апаратите или немање на печат. Во едно избирачко место бидејќи немале печат избирачкиот одбор добил насоки од ОИК гласањето да продолжи, па после гласањето да се стави печат. При примопредавањето на изборниот материјал не биле потпишани сите субјекти“, информира Муцунски.
За сите забелешки, како што рече како партија ќе постапат пред надлежните институции.
„Затоа што во наш, но и во интерес на Македонија е да имаме кристално чист изборен процес, процес кој според нас треба да заврши со победа на Македонија и визијата за реформи, правда.
Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и враќањето на Македонија повторно на народот, процес кој повторно Македонија ќе ја направи горда“, истакна Муцунски.
Македонија
Европскиот фронт: Очекуваме голема, историска победа, тоа го потврдуваат информациите од терен
„Народот го кажа своето, имавме мирен изборен ден и слободни избори“, изјавија веднаш по изборниот молк од Европскиот фронт.
„Покажавме демократска зрелост како што и доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со ЕУ. Денес граѓаните го кажаа својот збор а на нас е да ја преточиме таа волја во акција. Имавме исклучителна кампања, напорна и вредна, беше европска на која треба сите да се гордееме“, посочија од Европскиот фронт.
На прашањето колку се задоволни од одзивот на гласачите и за првичните партиски пресметки Арбер Адеми од ДУИ истакна дека очекуваат голема победа за нивниот кандидат Бујар Османи.
„Сите информации од терен тоа го потврдуваат. Очекуваме победата да биде голема, историска“, рече Адеми.