Македонија
Скопските пожарникари ја презентираа новата противпожарна скала
Противпожарната бригада на Град Скопје заедно со припадници на специјалните единици на МВР во центарот на Скопје ја презентираа новата противпожарна скала. На презентацијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за здравство, Венко Филипче.
„Скопје од денес е побогато за ново специјализирано возило – 45-метарска противпожарна скала каква што досега немало во историјата на Република Северна Македонија. Оваа презентација ја организиравме со цел граѓаните на Скопје да може визуелно да се запознаат со дел од перформансите што ова возило ги нуди, а тоа е многу важно затоа што тоа ќе значи многу спасени животи и на нашите сограѓани, но и на хероите на градот, припадниците на скопската Противпожарна бригада“, рече Шилегов.
Од денеска, додаде тој, конечно, ќе можеме брзо и ефикасно да ги спасиме и сите граѓани што живеат и повисоко од 5-ти кат на скопските висококатници, што, за жал, тоа досега беше многу тешко изводливо, на граница на невозможното.
Шилегов истакна дека со ова повеќенаменско возило како дополнителна опрема е вклучена и пумпа за вода со капацитет од 45.000 литри во минута, со која, на пример, олимписки базен може целосно да се испразни за помалку од 16 минути.
„Да ја имавме оваа опрема кога беше поплавата во Стајковци, за еден и пол-два дена целата вода од населените места ќе можеше да биде испумпана, а самата скала може да биде користена и како кран за подигнување товар до 4 тони“, рече градоначалникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.