Македонија
Скопје доби нов центар за дејствување во услови на епидемии
Пандемијата на Ковид-19 ја реафирмираше итната потреба од брзи, делотворни и стратешки информации за епидемиите и здравјето, како и потребата од колаборативни механизми што ќе можат да им помогнат на субјектите што работат во полето на јавното здравје во Северна Македонија.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Северна Македонија го отвораат новиот Центар за дејствување во услови на епидемии и други јавно-здравствени вонредни ситуации во Скопје. Овој центар ќе обезбедува централизирани информации во реално време, следење на состојбите, известување и совети за тоа како да се постапува во случаи на настани и вонредни состојби поврзани со јавното здравје.
Обединувајќи ја на едно место епидемиолошката стручност од Институтот за јавно здравје, Центарот ќе нуди дигитални решенија за еден систем на рано предупредување со цел навремено известување и детектирање на настани поврзани со јавното здравје. Исто така, Центарот ќе ги подобри надзорот и координацијата меѓу епидемиолозите, лабораторискиот кадар и експертите за јавно здравје од десетте центри за јавно здравје и 21 подрачна единица во Северна Македонија.
„Ѝ честитам на Северна Македонија за нејзината посветеност кон јакнењето на капацитетите на јавното здравство за борба со Ковид-19. Овој нов центар е пионерски пример за тоа како СЗО може, во партнерство со националните надлежни органи, да ја зацврстува здравствената сигурност и да собира што повеќе информации релевантни за јавното здравје кои се потребни не само за борба со актуелната пандемија туку и за идните вонредни состојби што може да се случат во годините пред нас”, изјави д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
СЗО помага околу операционализацијата на Центарот, така што обезбедува технички насоки и еден експерт за јавно здравје кој ќе биде составен дел од националниот тим. Оваа поддршка ја овозможи организацијата USAID која обезбеди неповратна помош за оваа намена. Заедничката надворешна евалуација на подготвеноста на Северна Македонија и на нејзиниот капацитет за одговор на здравствени вонредни состојби, спроведена минатата година, препорача основање на еден ваков центар. Центарот ќе придонесе кон изградбата на националниот систем за одговор на здравствени вонредни состојби и кон исполнување на обврските од Меѓународниот здравствен правилник (МЗП, од 2005 година).
На отварање на Центарот министер за здравство на Северна, доц. д-р Венко Филипче, ѝ се заблагодари на СЗО за континуираната поддршка во борбата со Ковид-19.
„Овој центар за дејствување при здравствени вонредни состојби ќе биде од критична важност за подготвеноста и реакцијата на државата. За време на епидемии, Центарот ќе работи нон-стоп, т.е. 24/7, 365 дена годишно, така што ќе дава поддршка при носење одлуки, тековно работење, поврзување, информирање на населението за ризиците, (пре)распоредување на персонал, колкав број вработени се потребни, логистика и планирање”, изјави министерот Филипче.
За време на настанот, д-р Џихан Тавилах, претставничка на СЗО во Северна Македонија, се осврна на тоа како соработката на СЗО со Министерството за здравство во овој заеднички потфат би можело да ги информира другите земји од Западниот Балкан за тоа како да ги зголемат институционалните капацитети во делот на здравствената сигурност и собирањето информации релевантни за јавното здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.