Македонија
Скопје ќе добие нов екоавтобус
Нов екоавтобус ќе сообраќа на линијата со број 2 на релацијата од Автокоманда до Сарај и обратно, објави денеска градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
„Скопје ќе добие нов екоавтобус. За таа цел ЈСП потпиша договор со полската компанија ‘Соларис’ за пробно користење автобус на гас, кој ќе сообраќа на линијата со број 2 на релацијата од Автокоманда до Сарај и обратно. Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас“, нагласи Шилегов.
Тој рече дека во споредба со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овој автобус троши двојно помалку, што дополнително ќе ги намали трошоците за гориво на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитува значително помалку СО2, што речиси воопшто не го загадува воздухот.
Претходно, Град Скопје потпиша договори со „Чериот моторс“ за електричен автобус и со „Мак аутостар“ за автобус на гас, кои ќе сообраќаат пробно на улиците во Скопје на линиите 5 и 15.
„Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП, како и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари. Наша заложба е Скопје од град ориентиран кон автомобили да премине во град со одржлива урбана мобилност, што ќе биде од големо значење во унапредувањето на еколошките стандарди за почист воздух и почиста животна средина“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Испукана димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информираше за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, гласањето се одвива мирно без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, радовишко има едно лице кое го покажало гласачкото ливче на набњудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територија на општина Чаир се забележани летоци кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графити. На едно гласачко место во Скопје покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена испукана димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и улесниците на изборите, во текот на гласањетоо, до завршувањето, да се воздржат од било какви инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија, 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјава право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.