Македонија
Со грант преку проектот МСИП подобри услови за учење за 1.400 деца во Чаир
Со грант-средства преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП извршена е реконструкција на покривот на основното училиште „Рајко Жинзифов“ во општина Чаир, во кое учат над 1.400 ученици. Денеска, заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, и градоначалникот Висар Ганиу го посетија училиштето.
Грантот е во висина од 3 милиони денари, а исто толку кофинансира и општината. Овој грант ѝ е доделен на Општината од страна на Светската банка преку МСИП поради успешно спроведување три други потпроекти преку истиот проект, односно реновирање две градинки и училиште во општината, со што им се обезбедени подобри услови за образование на над 2.000 деца.
„Учениците на ова училиште ќе ја почнат новата учебна година во училиште што ќе има нов покрив, без азбестни цементни блокови, кои не се добри за здравјето. Истовремено, ќе се подобри енергетската ефикасност на училиштето и се очекува сметките за енергија во просек да се намалат околу 30 отсто“, рече заменик-министерската за финансии, Ширет Елези.
Градоначалникот на општина Чаир истакна дека преку заеднички ангажман ќе се овозможат подобри услови за поквалитетен образовен процес на местата каде што се подготвува идна здрава генерација.
„Останувајќи целосно фокусирани за подобрување на инфраструктурата на нашите основни училишта и детски градинки, како Општина во континуитет остваруваме ефикасна соработка со други државни институции и ги користиме сите можни законски механизми за олеснување на реализирањето на многу слични проекти во служба на учениците и општо на сите граѓани.
Инаку, Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светската банка, како и на Европската Унија. Вкупниот фонд на проектот е над 100 милиони евра, и тоа: 80 милиони евра заем од Светската банка, 15 милиони евра ЕУ-грант средства преку ИПА и кофинансирање од буџетот од речиси 5 милиони евра.
Проектот МСИП овозможува финансирање капитални општински проекти од типот: водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, енергетска ефикасност (улично осветление, изолација на општински објекти и сл.), локална патна инфраструктура (модернизација и реконструкција на улици и патишта), комунални услуги (набавка на возила за јавните комунални претпријатија), како и други општински услуги и надлежности, како изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл.
Преку Проектот за подобрување на општински услуги поддржани се речиси 230 капитални проекти во сите општини во земјата. Целта е да се обезбедат подобри услови за живеењена сите граѓани во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните