Македонија
Со една недела задоцнување почна наставата во ОУ „Гоце Делчев“ во Центар
Основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Центар, по извршените градежни работи, денеска почна со настава. Заменик-министерот за образование, Петар Атанасов, рече дека во координација со општината и училиштето учениците ќе ги надоместат изгубените часови од наставата.
Инаку, наставата задоцни поради извршување градежни работи. Градоначалникот на општина Центар рече дека се извршила санација на постојниот дел од објектот и дека биле заменети подовите во 6 училници и 2 помали простории. Исто така, додаде тој, променети се 14 врати и бојадисани се и ходниците што водат до доградбата.
„Со градежниот зафат пред кој стоиме училиштето ќе добие дополнителна површина од 532 квадратни метра. Ќе се обезбедат 4 нови големи училници, 3 помали простории за помошни групи и 1 техничка просторија. Дел од зафатот е и поставување лифт за деца со инвалидитет и пречки во развојот, кој ќе ги поврзува сите нивоа на постојниот објект“, појасни градоначалникот Богдановиќ.
Покрај тоа, училиштето доби и нова современа енергетски ефикасна фасада, со која во иднина ќе плаќа до 30 отсто помали сметки за струја. Во активностите за доградба и реконструкција на постојниот објект беа опфатени и тоалетите на приземното ниво, со целосна обнова на водоводната инсталација. Вградени се и нови санитарии, нови керамички плочки и првпат се обезбедени специјализирани тоалети за децата со посебни потреби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведен охриѓанец кој го фотографирал гласачкото ливче
Полицијата во Охрид го приведе А. И. (48) затоа што го фотографирал гласачкото ливче на избирачкото место 1271 во Охрид.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа од СВР Охрид.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите, извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец’, со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите наводно го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело, и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите што гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информира претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголем е одѕивот во Новаци – 42,87, а најмал во Врапчиште – 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Другите се во обработка.