Македонија
Со церемонија во Министерството за одбрана, Шекеринска ѝ ја предаде министерската функција на Славјанка Петровска
Со церемонија во Министерството за одбрана, Славјанка Петровска ја презеде функцијата министерка за одбрана од досегашната министерка Радмила Шекеринска.
Петровска во својот прв говор како министерка за одбрана порача дека ја презема оваа функција во многу поинакви општествено-политички околности отколку оние што беа во 2017 година и дека денес нашата татковина е земја членка на НАТО за што требаа многу труд, посветеност и политичка пожртвуваност за сето ова да стане реалност. Министерката ѝ се заблагодари на досегашната министерка Шекеринска за нејзиниот влог и придонес кон исполнувањето на оваа стратешка определба.
„Членството во НАТО не е признание само на политичките процеси што се случуваа туку и на подготвеноста на нашата Армија да ги прифати НАТО-стандардите и принципите на дејствување и постапување на алијансата. Генерал-потполковнику Ѓурчиновски, Вам и на припадниците на Армијата ви честитам за досегашната посветеност на овој исклучително значаен процес, од кој несомнено сте битен дел. Заедно ќе продолжуваме понатаму по тој пат“, рече министерката.
Петровска порача дека ќе биде силен двигател на развојот во одбраната и на процесите што се веќе почнати, а кои ќе се реализираат со уште поинтензивна динамика.
„Еден од најважните приоритети во текот на мојот мандат ќе биде одржувањето на стабилното финансирање на одбраната и достигнување 2 % од БДП за одбранбениот буџет до 2024 година. Ќе продолжат да се имплементираат проектите за опремување и модернизација на Армијата, ќе продолжам да водам сметка за подобрување на условите за работа и животниот стандард на воениот и цивилниот персонал во Армијата. Ќе продолжат и подобрувањето и обновата на инфраструктурата на воените објекти, како и реновирањето објекти, со имплементација на обновливи извори на енергија и, секако, ќе продолжи инвестирањето во развојот на армискиот полигон ‘Криволак’, кој е вреден домашен и НАТО-ресурс“, рече Петровска.
Министерката порача дека ќе се одржи и високото ниво на транспарентност и интегритет во работењето, ќе се одржи сметка за правичната застапеност и имплементацијата на правилни родови политики во одбраната и Армијата.
За соработката со сојузниците со кои и споделуваме исти вредности, министерката Петровска порача дека ќе ја развиваме интероперабилноста и ќе продолжиме со учеството во меѓународните мировни операции и мисии.
Досегашната министерка за одбрана Шекеринска истакна дека изминатите 4 и пол години одбраната беше дел од нешто што е поголемо од нас самите и дека беше испишана историја што е вредна за паметење.
„Се сеќавам пред 4 и пол години кога реков дека ќе го смениме статус кво во одбраната. Денес, одбраната не препознава статус кво. Денес нема проблем што е нерешлив. Денес системот функционира. Успеавме да ја вратиме Република Северна Македонија во процесот на НАТО-интеграцијата – членка сме на НАТО, еднаква и рамноправна со другите, воено интегрирана во рекордно брзо време во седумдецениската историја на алијансата. Во 2017 реков дека припадниците на Армијата, кои ја чуваат оваа земја, ќе ги добијат достоинството и почитта што им припаѓа со повисок стандард и подобри услови за работа, со јасно покажана грижа од државата. Денеска тоа е реалност. Се обврзав на континуирано зголемување на буџетот на одбраната, но и максимална транспарентност пред јавноста, која мора да има увид како и каде се трошат парите. И едното и другото ги обезбедибме со 100 % успех. Покажавме дека имаме капацитет да рушиме бариери и да постигнуваме големи нешта. Денеска сето она што пред четири и пол години се чинеше невозможно полека стана реалност“, рече Шекеринска.
Досегашната министерка им се заблагодари на вработените во одбраната и на припадниците на Армијата зашто, како што рече, нивната искреност, чесност и професионалност беше инспирација и мотив за уште поинтензивна работа.
„Лидерството за мене никогаш не било прашање на функција на привилегија на статус или на позиција, туку исклучиво акција, одлуки, преземање одговорност и личен пример. Ви благодарам што ме поддржавте во тоа. Во вас гледам многу вистински професионалци што се достојни за уште подобри услови за работа. Ја направивме нашата институција прва по многу нешта – први во транспарентноста, во самиот европски врв според интегритетот во работењето. И тоа е најважно – да работиме со интегритет, со силен мотив и без задршка“, истакна таа.
Шекеринска порача дека единствениот совет што не го почитувала бил советот да ги менаџира очекувањата во одбраната и кај граѓаните зашто ако сакаме посилна нација, мораме да ги надминуваме и сопствените очекувања.
„Не ги менаџиравме очекувањата, туку ги подигнувавме, а потоа заедно ги надминувавме. Убедена сум дека во тоа ќе продолжите. Убедена сум дека резултатите ќе продолжат да се нижат и тоа ќе биде и моја лична сатисфакција дека системот што го поставувавме продолжил да расте. Отсекогаш знаев и дека ни е многу важна слободата дека заедно се изборивме за неа во неколку наврати. Она што го научив во последните неколку години е дека слободата оди само во тандем – живее, се брани и се развива заедно со одговорноста. Слободата навистина бара одговорност, одговорност да направиме разлика, да придонесеме, да подобриме и да постигнеме повеќе. Продолжете така да ги браните и татковината и слободата, со посветена работа и со видливи резултати“, заклучи Шекеринска во своето последно обраќање како министерка за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК објави упатство за гласање на претседателските избори
Пред утрешното гласање на првиот круг од претседателските избори, Државната изборна комисија (ДИК) на својата официјална веб-страница објави повеќејазично упатство за гласање.
УПАТСТВО ЗА ГЛАСАЊЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ
1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во ДКП/КК.
2. Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат.
3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа, односно лична
карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.
5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку
гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му
недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака.
6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен
матичен број (ЕМБГ).
7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во
електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот
или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ.
8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список.
9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, му задолжително се става печат на предната страна
на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот.
10. Гласачот добива едно гласачко ливче.
11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван.
12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско
пенкало со мастило во сина боја.
13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија.
14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација.
15. Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот
законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му
помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да
влијае врз одлуката на гласачот.
16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице.
17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање.
18. Забрането е носење оружје на гласачкото место.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица кои немаат соодветно образование.
Беќаровски кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант- барал урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.