Македонија
Спасовски – Аџиќ: Во фокусот подобрување на соработката во делот на организираниот криминал
Денеска во Министерството за внатрешни работи се одржа билатерална средба помеѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ, откако заврши Министерската конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан, во соорганизација на ИОМ и МВР на Република Северна Македонија.
„Соработката меѓу Министерството за внатрешни работа на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Црна Гора се оценува како плодна, отворена и сето тоа е резултат на добрите односи кои постојат меѓу двете земји. Интерес на МВР на Република Северна Македонија е унапредување и продлабочување на билатералната и оперативната меѓународна соработка со МВР на Црна Гора, изразена, меѓу другото преку заложбите за подобрување и развивање на регионалната соработка, особено на полето на организираниот криминал, како и успешното спроведување на имплементациските Протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, но и заедничкото учество во Регионалните иницијативи”, истакна Спасовски.
Денешната средба беше искористена за разговор за тековните предизвици, како што е управување со миграциите, за размена на искуствата во однос на европските интеграции, борбата против организираниот криминал и генерално за зајакнување на регионалната соработка.
Од страна на министерот Аџиќ беше истакнато значењето на соработката помеѓу полициите на двете земји кои со заеднички акции и ефикасна работа на криминалистичките тимови, успешно реализираат активности во борбата против меѓународниот организиран криминал, па во таа насока беше изразена подготвеност за унапредување на истата, а посебно беа истакнати неодамна спроведените полициски активности по повод Денот на заедничка акција за Југоисточна Европа (SEE JAD), со која се остварени значителни резултати, како на Црна Гора, така и на земјите од регинот и државите од ЕУ, а чиј учесник беше и полицијата на Република Северна Македонија.
Министерот Аџиќ му честиташе на министерот Спасовски за неодамнешното отворање на преговорите со ЕУ, при што беше изразена подготвеност за помош на македонската страна, со оглед на досегашното искуство на Црна Гора во тој процес, како и надеж дека преговорите успешно ќе завршат во разумен рок. Од црногорската страна беше истакнато дека Црна Гора во 2013 година ги почна преговорите со ЕУ за поглавјата 23 и 24 и до денеска се спроведени голем број реформи, со значајни резултати во владеењето на правото, а во тој контекст беше потенцирано дека моментално Црна Гора е најнапредна земја во регионот во преговарачкиот процес, со сите отворени поглавја и привремено затворени преговори во 3 поглавја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тренчевска: Најемотивна сум кога зборувам со пензионерите, креаторите на државата денес
Коносителката на листата за пратеници на Изборна единица 4 од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска денес им се обрати на пензионерите во Општина Струмица и ја објасни изборната програма на која според неа столб е грижата за пензионерите.
„Да се потсетиме на се она што го имаме направено за вас пензионерите и да ве информираме за се она кое се обврзуваме како партија во наредниот период. Како помлади генерации сме обврзани да ви обезбедиме спокојни пензионерски денови, затоа во изминатиот период ја донесовме методологијата со која гарантираме постојан раст на пензиите. Пред нашиот мандат најниската пензија која изнесуваше околу 8000 денари, денес е покачена на скоро 14.000 денари“ изјави Тренчевска.
Таа посочи дека покрај континуираното покачување на пензиите продолжува да се исплаќа и финансиската поддршка која е директно на терет на буџетот на Министерството за труд и социјална политика и дека истата не ја загрозува исплата на пензиите.
„Најголем дел од вас се сеќаваат дека ги добивавте пензиите во 6 групи на пензионери, затоа што системот на пензиско и инвалидско осигурување на бил стабилен. Денес сите вие секој први во месецот пензиите ги имате на вашите сметки, системот е стабилен и гарантира долгорочна сигурност“ истакна Тренчевска.
Таа рече дека никогаш повеќе нема да дозволи фондот да биде нестабилен, затоа што сите предвидени мерки и политики кои се предвидуваат не се на терет на фондот, туку ќе бидат на централниот буџет.
„Се обврзуваме на минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. Воведуваме новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари како, картичка за пензионерите со попуст од 30% на прехранбени производи како и изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица“ рече Тренчевска.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Како што ветив, платите се за 12% повисоки за културните работници
Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти.
Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.
„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.
Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.
Пред две недели од Министерството за култура кажаа дека нема промени во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Единствена промена била внесувањето на минималната плата во диспозитивот на договорот.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.