Македонија
Спасовски во Атина: Разгледана состојбата со бегалците од Украина и со илегалната миграција
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамките на работната посета на министерската конференција, што се одржува на 3 и 4 мај во Атина, оствари билатерална средба со министерот за заштита на граѓаните на Грција, Панајотис Теодорикакос, прва од ваков вид гостинска средба во Републиката на највисоко ниво, со што се отвора едно ново поглавје во областа на безбедноста, потенцираат од кабинетот на Спасовски. На средбата двајцата министри искажале задоволство од начинот на кој се одвива соработката меѓу двете министерства и двете соседни земји во изминативе неколку години како на оперативно така и на политичко ниво, со уверување дека тој тренд на соработка ќе продолжи да се надградува и во иднина.
На средбата станало збор за теми што се актуелни во моментот, како што е состојбата со бегалците, кои пристигнуваат од Украина, како и за состојбите со илегалната миграција.
„Спасовски рече дека во овој период се откриени 24 случаи на шверцување мигранти, во кои е спречен обид да бидат прошверцувани 217 мигранти. Бројот на откриените случаи, кривичните дела и мигрантите бележат тренд на зголемување во споредбба со истиот период претходната година“, е истакнато во информацијата од МВР.
Во делот на меѓународната и регионалната соработка на двете министерства, двајцата министри ја потенцирале важноста од неа, особено во заедничката борба против организираниот криминал и тероризмот и изразиле уверување дека и натаму остануваат посветени на заедничкото дејствување во рамките на регионални и меѓународни иницијативи. Двајцата министри се согласиле за продлабочување на соработката помеѓу директорите на полиции на оперативно ниво во делот на размена на искуства при заеднички вежби и обуки за специјалните елитни единици од двете земји во борбата со организираниот криминал и трговијата со дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.