Македонија
Спасовски: МВР на секоја закана приоѓа со максимална професионалност, клучен фактор е меѓународната соработка
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, учествуваше на петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија, што се одржува во Собранието во присуство на амбасадорите на партнерските земји и претставници на релевантни институции.
За време на првата панел-дискусија „Основите на европската интеграција: Владеење на правото и спроведени реформи“, во рамките на сесијата министерот Спасовски беше прашан за тоа како се справуваме како држава со хибридните закани, особено ако се земе предвид фактот дека многу училишта добија пријави/дојави за поставени експлозивни направи. Во однос на ова прашање, Спасовски истакна дека во тој контекст се и дојавите за поставување експлозивни направи во скопски средни училишта.
„Би сакал да истакнам дека сите дојави од страна на МВР се третираат со максимална сериозност и се преземаат сите активности: откога ќе се спроведе евакуацијата, се обезбедува заштитен периметар и се пристапува кон антитерористичка проверка на објектите и околината, при што се ограничува и пренасочува сообраќајот. Притоа Република Северна Македонија не е некој исклучок за ваквите хибридни напади т.н. лажни дојави за бомби. Напротив, на ваков тип напади масивно се изложени и соседните земји, како, на пример: Србија, Хрватска и Црна Гора, а и подалечните, како Нов Зеланд, Канада, САД, Германија итн. Без разлика на зачестените закани, Министерството на секоја закана ѝ приоѓа со максимална професионалност и сериозност“, рече Спасовски.
Со цел подобар координиран одговор по ова прашање, Спасовски го издвои и донесувањето на неколкуте значајни стратешки документи, како што се Националната стратегија за компјутерска безбедност, Стратегијата за градење отпорност и справување со хибридните закани, Стратегијата за компјутерски криминал. Притоа потенцира дека клучен фактор е силната меѓународна соработка и брза размена на информации помеѓу земјите и агенциите за спроведување на законот.
„Би сакал да истакнам дека во првата половина од 2022 година регистрирано е зголемување на компјутерскиот криминал во нашата земја за значителни 48 % во однос на истиот период од 2021 година, а причинетата материјална штета е десеткратно зголемена во однос на лани. Од вкупниот број регистрирани дела, по преземените мерки и активности, расчистени се 76 дела, со што е постигната вкупна ефикасност од 67 %, која е зголемена речиси 10 % во споредба со лани“, информира Спасовски.
Во 2023 година пријавено е учество во 12 оперативни акциски планови и 108 оперативни акции, притоа Македонија ќе биде колидер во четири оперативни акции“, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.