Македонија
Спасовски на регионалната тинк-тенк средба „Ковид-19 и демократијата на Западен Балкан“
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, учествуваше на регионалната тинк-тенк средба „Ковид-19 и демократијата на Западен Балкан“ на сесијата со наслов „Зајакнување на демократијата на Западен Балкан“.
„Општествата соочени со ваквите закани по општите јавни интереси беа принудени да дадат соодветни одговори. Одговори што примарно беа фокусирани на заштита на луѓето, на секој поединец, но и на системите, на институционалната, вонинституционалната и социо-економската функционалност, што се јави како каузална неопходност од здравствените мерки и потреби за превенирање на пандемијата“, рече министерот Спасовски во своето обраќање.
Според Спасовски, генерално гледано, тие институционални одговори беа унисони за сите држави, а по глобалното прогласување на пандемијата од страна на СЗО, тогашната техничка влада на Република Северна Македонија, покрај примарната законска улога за подготвување фер и демократски избори, доби улога да презема мерки за заштита на јавното и индивидуалното здравје на граѓаните, за заштита и динамично кондиционо одржување на здравствениот систем како прва брана против пандемијата, но и за заштита на социо-економските капацитети и функционалноста на општеството во целина како колатерално загрозени сегменти од живеењето.
„И, веднаш, на самиот почеток, ни беше јасно дека пандемијата, следствено здравствено-медицинските сознанија, препораки и насоки на дејствување, коренито ќе го промени севкупниот дотогашен начин на живеење и функционирање на државите. Имено, заштитата на јавното здравје, особено заштитата на тогаш веќе детектираните ранливи категории граѓани, јасно нѐ спротивстави на фактот за своевидно рестриктирање на одредени универзални човекови права и слободи“, посочи Спасовски.
Како што појасни министерот Спасовски, следејќи ги сопствените согледувања и процени, но и искуствата и дејствувањето на сите други, како во регионот така и пошироко, државата беше принудена на носење ригорозни мерки, како што е, на пример, карантинот или целосното затворање што, пак, од своја страна, значеше ограничување на низа човекови права и слободи – право на движење, право на работа итн.
„Сите ние мораше крајно објективно и одговорно да извагаме што се добива, а што се губи, што е приоритетно, а што е второстепено, што може, а што не може во дадените околности, имајќи ги притоа на ум секогаш фактите од научно верификуваните сознанија за вирулетноста на Ковид-19, опасните здравствени импликации, потоа предикциите за ширењето на вирусот, што, за жал, се остварија, и врз основа на тоа – да дејствуваме“, истакна Спасовски.
Од друга страна, ограничувањето на стекнатите права и слободи, според министерот за внатрешни работи, не е лесно прифатлива реалност. Појавите на револт, страв и несигурност се очекувани фрустрирачки производи на таквите мерки во сите демократски земји, а особено за општествата што се наоѓаат во фаза на системска консолидација, како што се, на пример, во поголема или помала мера земјите од регионот на Западен Балкан.
„Секој од нас е совршено свесен дека универзалните човекови права и слободи се точки на потпирање на модерните демократски општества. И дека се есенцијални за просперитетот на секој наш граѓанин. Но, исто така мораме да бидеме свесни за исклучителноста на состојбата, која буквално нѐ притисна во клинч изнудувајќи од нас одлуки што верувам дека се со привремен карактер“, нагласи Спасовски додавајќи дека заштитата на јавното здравје, како што покажа реалноста, е приоритет пар екселанс, при што просторот за компромиси е многу мал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег
Времето денеска ќе биде, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег.
Локално, врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.
Скопје
Осум скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија АД, Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, информира дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат неколку скопски општини.
· Во периодот од 08:30 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Максим Горки, реон Дом на градежници (општина Центар).
· Во периодот од 09:00 до 14:00 часот, поголемиот дел од потрошувачите на ул.Ринхини.(општина Ѓорче Петров)
· Во периодот од 09:00 до 10:30 часот, корисниците од с.Визбегово, дел од с.Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.(општините Бутел, Шуто Оризари и Чучер Сандево)
· Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул.Кавалска.(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на пат за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од Св.Петар и Павле по патот кон Долно Лисиче.(Аеродром)
· Во периодот од 09:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. 4031, село Марино.(општина Илинден)
· Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од бул.Борис Трајковски (од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево).(општина Кисела Вода)
· Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците од с.Сандево, Бањане, Горњане, Дел од с.Мирковци.(општина Чучер Сандево)
· Во периодот од 13:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Исаија Мажовски и Воин Драшкоци.(општина Ѓорче Петров)
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.