Македонија
Спасовски повика на сплотеност: Потребни ни се победи, а не поделби
Премиерот Оливер Спасовски, во обраќањето по повод Денот на Републиката од скопското Кале повика на изградба на граѓанско општество за сите, сплотеност и солидарност.
Тој се заложи за победи, а не поделби, повикувајќи на обединување во држава која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници.
„Како и на нашите предци, должни сме им да се спротивставивме на фашизмот гласно и храбро. Борбата со фашизмот и против делбите на нашите граѓани, против сеењето на омраза помеѓу браќа, соседи и другари, е наша света обврска. Нашите партизани застанаа храбро и пркосно наспроти фашизмот, и благодарение на таа храброст и на тој пркос, денес ние имаме држава. И ништо помалку од тоа не смееме да им оставиме на идните генерации. Денес славиме празник и во чест на сите генерации наши сограѓани и сограѓанки кои во нашата слободна држава го вградуваа својот сопствен придонес за да стоиме гордо пред државното знаме и гордо да го зборуваме својот мајчин македонски јазик. Гордо да го славиме македонскиот јазик кој беше заведен како службен јазик во македонската држава токму на Илинден во 1944 година, и кој денес е впишан во личната карта на нашата држава во Обединетите Нации, каде што покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик“, рече Спасовски.
Премиерот нагласи дека согласно принципите на Илинден кои не се завртени кон минатото, туку кон иднината, нашиот најјасен патоказ денес е патот кон европските вредности и вредностите на НАТО, како сојуз на кој му припаѓаме како полноправна членка.
Осврнувајќи се на кризата со коронавирусот, првиот човек на Владата порача дека начелата на солидарност и заедништво се попотребни од било кога досега. Спасовски говореше и за договорите со Грција и Бугарија, нагласувајќи дека во духот на илинденците денес подадовме рака за соработка со сите соседи и ја стекнавме нивната доверба.
„Благодарение на овие договори Северна Македонија од лош пример се претвори во успешна приказна. Таа стана светла точка на Балканот. Довчерашните резигнирани соседи, станаа наши најсилни лобисти и поддржувачи на меѓународен план. Станавме сојузници. Покажавме и докажавме дека со слога, а не со кавги, државата оди напред кон подобро“, додаде Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица кои немаат соодветно образование.
Беќаровски кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант- барал урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
Македонија
Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.