Македонија
Спасовски: 34.000 денари просечна плата до крајот на мандатот и најмала пензија од 10.700 денари
Носителот на кандидатската листа за пратеници во изборната единица 2, Оливер Спасовски, денеска имаше средби со млади и со пензионери во Куманово.
На средбите се разговараше за проектите и мерките коишто се преземени и коишто во следниот мандат ќе се преземат, за перспективна, сигурна, европска иднина на граѓаните – дома, во родната земја.
„Нудиме нова, развојна македонска економија која носи стабилност и шанса за сите. Нудиме нова македонска развојна економија, заснована на нови технологии, одржливост и човечки капитал. Модел што ќе ги штити работните места на граѓаните, ќе генерира повисоки плати и подобри работни места. Додека трае кризата ќе ја задржиме минималната плата на 14.500 денари, а по завршувањето на кризата ќе обезбедиме раст на минималната плата до 40 проценти“, потенцираше Спасовски во своето излагање.
„Во Програмата на СДСМ, предвидуваме нова мерка за поддршка на младите, поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години, во првите две години. Парите ќе одат директно на сметка на младите“ најави носителот на листа Спасовски на средбата со младите.
Тој вети раст на просечната плата до 30 проценти, или 34.000 до крајот на мандатот и раст на минималната плата од 14.500 денари на 20.000 денари до крајот на мандатот.
На средбата со пензионерите, Спасовски рече дека СДСМ ако ја добие власта, се обврзува на нова повисока минимална пензија за да нема пензионер што ќе зема помалку од 10.700 денари.
„Бидејќи висината на пензиите е директно поврзана со растот на платите, а нашата цел е раст на платите во следните 4 години, тоа значи отворени можности и сигурен раст на пензиите“ објасни Спасовски.
Носителот на листа Спасовски и на двете средби најави брза трансформација на економијата.
„Се обврзуваме дека ќе ги поддржиме домашните и странски инвестиции во износ од 600 милиони евра и на износ за странски инвестиции од најмалку една милијарда евра, до крајот на мандатот – инвестиции засновани на иновации и одржливост на бизнисите. Со оглед дека во следните 4 години, до 2024 година, очекуваме да отвориме 80 проценти од поглавјата за интеграција во Европската унија, тоа ќе значи и 2.5 милијарди евра од европските фондови, за нашата држава“, додаде носителот Спасовски.
„Од ВМРО-ДПМНЕ се закануваа, уценуваа, ставаа клуч на врата на фирми, го делеа народот, се караа со соседите и со светот, државата меѓународно ни ја изолираа и се уште немаат став за ниту едно важно прашање од граѓански и државен интерес“, посочи Спасовски.
„Партнерството во НАТО, домашните пријателства, регионалните пријателства, добрососедските односи, европските интеграции, нашето одговорно однесување кон државните стратешки интереси и кон интересите на граѓаните значат извесна сигурност за државата и за економијата и егзистенцијата на секое семејство и секој човек“ порача носителот на листа во ЕИ 2, Оливер Спасовски на средбите со млади и пензионери во Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Успешна сложена дентална операција – изведена транспозиција на нерв
Вчера, успешно заврши сложениот хируршки зафат – транспозиција на нерв на пациент од земјата.
Оваа комплексна техника ја изведе искусен хируршки тим под водство на професор Мазен Тамими од САД, роден во Јордан.
Интервенцијата се изведе во присуство и во приватната специјалистичка ординација на реномираниот орален хирург и имплантолог од овие простори – Дијана Бојковска. Пациентот е во стабилна состојба, се чувствува добро, но претстои период на целосно заздравување по извршување на операцијата поради прилично атрофираната долна вилица.
Видеоприказ од интервенцијата ќе биде емитуван во рамките на меѓународниот имплантолошки конгрес, кој почнува денес во хотелот „Хилтон“ во Скопје, а ќе трае до 20 април. Напредната хируршка техника првпат ќе биде споделена со пошироката стручна јавност од земјата, но и од светот, бидејќи на конгресот ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од четири континенти.
Дигитализација во стоматологијата и новите трендови во имплантологијата се дел од темите што ќе бидат во центарот на вниманието на овој конгрес. Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање напредна хируршка техника во делот на имплантологијата.
Еминентни стоматолози специјалисти од Македонија исто така ќе земат активно учество на конгресот: д-р Митко Франгов, орален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Златко Вршковски, максилофацијален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Недим Касами, максилофацијален хирург и имплантолог, д-р Петар Вршковски, орален хирург и имплантолог, д-р Дијана Бојковска, орален хирург и имплантолог.
Во Македонија првпат стоматолозите учесници на конгресот ќе бидат дел од меѓународно акредитирана имплантолошка едукација и ќе добијат CME – европски кредит-поени.
Македонија
МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ
Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите ќе се одработат во две саботи, односно на 18 мај и 1 јуни, објави претседателот на Самостојниот синдикат за образование и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Во дописот што го објави Неделков стои дека причината е за да се исполни одредбата од законот, со кој учебната година се остварува во 180 наставни дена, а притоа да не се продолжи учебната година.
МОН, покрај тоа, ги задолжува основните училишта во град Скопје на 15 јуни да ги одработат и пропуштените часови од 30 ноември лани, кој беше неработен ден поради одржувањето на министерскиот совет на ОБСЕ.
Неделков побара од министерот Јетон Шаќири веднаш да го повлече известувањето до училиштата.
„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат ‘неработните’ денови прогласени од Владата поради одржувањето на претстојните избори! Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни дена, како, на пример, учебната 2021/2022 година“, напиша Неделков на „Фејсбук“.
Владата, претходно, ги прогласи за неработни за сите граѓани деновите на одржувањето на изборите, 24 април и 8 мај.
Македонија
Пендаровски: Знам некои од другата страна кои имаат многу причини за страв од ветинг
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вчеравечер од Кочани одговори зошто не е доцна во државата да се спроведе ветинг.
„2016 јас бев дел од тие кандидати за пратеници тогаш тоа го ветувавме. Добивме инструкција од Брисел дека заради негативните искуства во соседна Албанија, каде многу малку судии и обвинители го поминале тој тест, ветинг е проверка на имотната состојба, преведено на народски, дали си живеел во мандатот само од плата или си крадел и од други места. Значи, дали си чесен. Ги послушавме и дојдовме до 2% доверба во правосудството“, рече Пендаровски.
Во оваа насока тој истакна дека не само оваа политичка структура, туку дека после изборите сите треба да се заложат да се спроведе ветинг на судиите и на обвинителите, но и на политичарите.
„Значи не можеме ние целата вина да ја ставаме на судии и обвинителите, а самите да се амнестираме од тоа. Прво да се тргне од претседателот, од премиерот, од неговите роднини, пријатели, колеги, блиски, подалечни роднини, да не случајно си префрлил имот на друго име, само така ќе знаеме кој е човек со образ, кој суди по Устав и по закон. Сè друго е лажење на народот“, подвлече Пендаровски.
Потребно е да го спроведеме ветингот, за како што рече тој, граѓаните да не се сомневаат дали судиите и обвинителите работат согласно со законите или како што ќе им наложи некој друг.
„Да нема генерална перцепција во народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари украдени на наплатна рампа одиш во затвор, а за милијарди украдени си живееш лагодно по не знам кој светски даночен рај. За да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг или проверка на имотот на секој од нас и не само последните пет години. Ајде да тераме од 1990. Зошто да не? Јас немам од што да се плашам. Меѓутоа, знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв“, заклучи Пендаровски.