Македонија
„Спијте мирно, нема да ни го земат Банско“, рече Борисов по посетата на Петков
Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов рече дека по вчерашната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје спиел мирно, бидејќи Македонија нема да ја нападне Бугарија.
„Ноќва за првпат спиев мирно, бидејќи вчера сфатив дека братскиот народ на Северна Македонија нема да ја нападне Бугарија со донираните тенкови и нема да има територијални претензии. Спијте мирно, нема да ни го земат Банско. Кон што да имате претензии? Сите сакаме да бидеме во ЕУ – први ве признавме, први ве поддржавме за НАТО. Да се каже дека историјата не е важна е да умреш како овца без историја“, рече Борисов.
Експремиерот го искритикува Петков дека е првиот бугарски државник што отишол во Скопје и не положил цвеќе на споменикот на Гоце Делчев.
Борисов побара да дознае дали на средбата меѓу Кирил Петков и претседателот на Стево Пендаровски станало збор за македонското малцинство во Бугарија.
„Нашиот Устав јасно кажува дека сите бугарски граѓани се еднакви“, рече Борисов.
Додаде дека влегувајќи во стапицата на фашизмот, Бугарија се откажува од подвигот на бугарскиот народ да му се спротивстави на Хитлер за спасените над 50 илјади бугарски Евреи.
Претходно денеска Петков оцени дека посетата во Скопје била многу успешна.
„Од една страна подадовме рака со тоа што отидовме таму, од друга страна ни дадоа нота што се надевавме дека ќе ја добиеме пред две години. Оваа нота е многу поважна од само кусото и долгото име. Покажува дека Северна Македонија нема претензии за територијалниот интегритет на Бугарија“, рече Петков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.