Македонија
Средба Бочварски – Милков: Ги потврдивме ставовите за завршување на железничкиот Коридор 8
Развојот на инфраструктурата и регионалното поврзувањето беше фокус тема на билатералната средба меѓу министерот за транспорт и врски Благој Бочаврски и министерот за надворешни работи на Република Бугарија Николај Милков, што денеска се оддржа во Скопје во рамки на економскиот форум.
Изградбата на железничкиот Коридор 8 е од суштинско значење за двете земји заради економско зајакнување на регионот, констатираа двајцата министри, додавајќи дека Владите ќе се заложат овој проект да добие уште поголемо меѓународно значење.
На средбата беше договорено да се интензивираат и активностите на работните групи од двете земји кои работат на усогласување на заедничките регионални инфраструктурани проекти. На средбата се отвори и темата за отворање на граничниот премин Клепало.
Двајцата министри ја поздравија одлуката на Европската Комисија за вклучување на заедничкиот Коридор 8 во рамки на европскиот коридор за Западен Балкан-Медитеран.
„Средбата беше одлична можност да ги потврдивме ставовите и на двете земји дека сме подготвени да го завршиме Коридор 8. Ги отворивме прашањата и за другите регионални проекти во делот на патната инфраструктура и тоа е темата на која треба да разговараме во иднина и заеднички да работиме. Нашите заложби се видивли на терен, тоа го покажавме со градење на пругата кон Бугарија и инвестициите во модернизација на патиштата. Оваа држава има само еден пат, тоа е Европскиот и по тој пат мора да ја трасираме иднината на Република Северна Македонија” – истакна министерот Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Јавното обвинителство се координира со другите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес
Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции што се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатира дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамките на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцира улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.
Македонија
Склучен меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и „Кроација осигурување“ АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.