Македонија
Средба Заев – Пајат: Потврдени придобивките од договорот од Преспа
На вториот ден од посетата на Атина, премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат.
Амбасадорот Пајат му честита на премиерот Заев за импресивните постигнувања во изминатиот период нагласувајќи дека договорот од Преспа е најпозитивното изненадување во неговиот досегашен петгодишен мандат како амбасадор на САД во Грција.
На состанокот беше истакнато дека важноста и вредноста на договорот од Преспа е уште поголема ако се има предвид тоа што новата грчка влада и премиерот Мицотакис ги поддржаа и засилија пријателството и сојузништвото меѓу двете земји.
Премиерот Заев и амбасадорот Пајат изразија огромно задоволство што денеска Грција не само што не е пречка за напредокот туку силно и поактивно го поддржува европскиот интегративен пат на Северна Македонија.
Премиерот Заев изрази благодарност за севкупната поддршка што Северна Македонија ја добива од САД во континуитет и особено за поддршката при склучувањето на договорот од Преспа, време кога силни влијанија неуспешно се обидуваа да го спречат остварувањето на демократските стратешки евро-атлантски интеграции на земјата.
Дополнително, на средбата се разговараше за економските можности што се отворени со договорот од Преспа, а премиерот и амбасадорот ја реафирмираа поддршката за економските комори да ги зајакнат соработките и да развиваат регионални економски проекти, особено во сферата на зелената агенда, енергетиката, како и обновливите извори на енергија. Амбасадорот ги поздрави напорите на Владата на Република Северна Македонија за целосно исфрлање на јагленот како ресурс за енергија за сметка на обновливите извори на енергија.
Премиерот Заев и амбасадорот Пајат се осврнаа на важноста од членството во НАТО и можностите за заедничко обезбедување на регионалната и глобалната стабилност и безбедност, а како примери беа посочени иницијативите за чување на небото на Северна Македонија од страна на соседните земји преку „ер полисинг“, како и развојот на Криволак во регионален НАТО тренинг-центар.
Дополнително, Заев и Пајат изразија задоволство од развојот на регионалниот енергетски проект „Александруполи“, со што се отвора можноста за сигурно и безбедно снабдување со природен гас од разни доставувачи, диверзификација на изворите и пат за Северна Македонија и регионот да станат енергетски независни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апел за помош за малиот Војдан
„Почитувани, ви се обраќам како очајна мајка на Војдан, кој е дете со церебрална парализа. Војдан е предвремено родено дете, кој е борец уште од првата секунда од неговиот живот. 71 ден ги помина во инкубатор, на респиратор, со мал милион дијагнози и прогнози, но тој се избори и си дојде дома.
Кога мислевме дека нема крај на нашата среќа. Господ повторно ни го зададе најголемиот удар, на Војдан му дијагностицираа Церебрална парализа. 8 месеци ги поминавме по болничките лавиринти во нашата држава, со што немаше значителен напредок. Од негови 11 месеци, одиме на рехабилитација во Загреб. Одиме секој месец и остануваме таму по една недела. Војдан има сериозен напредок во неговата битка, која продолжува и од кога ќе се вратиме дома. Секојдневно има физикална терапија, со што јас како родител сум обучена да работам со него, дефектолошки и логопетски третман одиме на приватно. Фондот за здравство не ни го признава лекувањето на Војдан, па цели овие години одиме со помош на нашиот хуман народ. Како мајка на која единствена желба и е здравјето на нејзиното дете, уште еднаш и до бескрај ги молам сите хумани граѓани кој се во можност да ни помогнат за Војдан да излезе како победник во битката“.
Информации околу кампањата за собирање на донации имате тука
Македонија
Позитивна оценка за првиот круг од претседателските избори, забелешки за острата и негативна реторика од страна на ОБСЕ/ОДИХР
Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР во своите прелиминарни заклучоци со позитивна оценка, но со забелешка за острата и негативна реторика.
Шефицата на мисијата на ОБСЕ, Џилијан Стирк, на денешната прес-конференција посочи дека во кампањата биле почитувани основните слободи, процедурите во гласањето биле испочитувани во голема мера, додека, пак, во некои случаи избирачките одбори не ги завршиле целосно пропишаните процедури при пребројувањето.
„Основните слободи беа почитувани во кампањата, но како што се приближуваше денот на изборите, а границите помеѓу претседателската и парламентарната трка почнаа да се замаглуваат, реториката стануваше сè понегативна и во некои случаи дискриминаторска, одразувајќи ја политичката фрагментација и етничките поделби“, истакна Стирк.
Околу измените во Изборниот законик, истакна дека тие биле воведени преку процес на кој му недостасувало транспарентност и консултации со јавноста.
Беше потенцирана и недоволната застапеност на жените во кампањата, како и ограничениот ангажман на жените гласачи што, како што е посочено, ја покажува потребата од поголема посветеност на обезбедување нивна вклученост во политичкиот живот.
Во врска со распределбата на средствата за кампања беше нагласено:
„Поврзаноста на распределбата на средствата за кампања и медиумските можности со партиската припадност несразмерно ги фаворизираше кандидатите кои се поврзани со големите политички партии“, наведе Стирк.
Набљудувачката мисија ќе го проследи и вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Македонија
(Видео) Николоски: Како носител на ИЕ 4 за мене најдрага е победата на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, во следните две недели ќе продолжиме да работиме уште поинтензивно
Денес продолжуваме со кампањата за парламентарните и претседателските избори, денеска се спојуваат повторно двете кампањи. Продолжуваме тука од Струмица каде што планираме големи проекти по формирање на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повикувам сите граѓани да ја прочитаат нашата програма Платформа 1198 каде што нудиме решенија за најкрупните проблеми на граѓаните, пред се во делот на владеење на правото и воспоставување на функционален систем на владеење на правото и правна држава, понатаму економскиот развој, решенија за состојбите во образованието и во здравството, поддршка за пензионерите, но и за најмладите преку проектот „Купи куќа“ и бројни други проекти кои што ги имаме во Платформата 1198, порача Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4.
„За нас е огромна привилегија поддршката која што ја добивме вчера, сметаме дека резултатот кој што вчера го постигна Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ е обврска во следните две недели уште поинтензивно да се среќаваме со сите кои што сакаат да се сретнат со нас, да го објасниме нашиот концепт и визија и да ја побараме поддршката. Очекувам на 8 мај да има убедлива победа за Гордана Силјановска Давкова и најмногу пратеници за ВМРО-ДПМНЕ кој што ќе овозможат стабилна влада која што нема да биде уценува од никого и кој што ќе овозможат во опозиција да одат и СДСМ, но и политичката партија ДУИ“, кажа тој.
Додаде дека е среќен како носител во ИЕ 4 што имаат победа во Струмица.
„Тоа мислам дека е голем сигнал не само за Струмица, не само за струмичката околија туку за цела Македонија. Победата за Струмица за мене е најдрага од сите победи вчера, сакам да се заблагодарам на тимот позади мене, во следните две недели ќе работиме уште поинтензивно за да имаме уште поубедлива победа и Струмица конечно да го добие она што го заслужува, а тоа е економски развој и воведување на функционална правна држава каде што ќе има јасно владеење на правото, а не она што се случуваше во годините наназад“, рече Николоски.