Македонија
Средба Заев-Руте: Холандска поддршка за евроинтеграциите
Премиерот Зоран Заев на самитот на ЕУ за Западен Балкан денеска оствари средба со премиерот на Кралството Холандија, Марк Руте. Заев на средбата изрази големо задоволство од билатералните односи меѓу двете земји кои оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи. Добрите односи меѓу двете земји е крунисано со исклучително позитивни искуства во сферата на политичката и културната соработка, посебно во туризмот, како и во економските врски меѓу двете земји.
Кралството Холандија е силен поддржувач на обновата на политичкиот систем и институциите по политичката криза во земјата и останува со силна поддршка во креирањето слободно функционално општество и пазарна економија.
Премиерот Заев го информира својот колега за актуелниот политички момент во Република Македонија и истакна дека Владата останува максимално посветена на континуитетот во реформите, кои по неусловената препорака за почеток на преговорите со ЕУ од страна на Европската комисија, добија нова движечка сила во спроведувањето и утврдувањето на приоритетите.
Заев на средбата го запозна холандскиот премиер со последниот развој во разговорите со Република Грција за прашањето на името и информира дека двете страни се целосно посветени на успешен исход во интерес на двете земји. Максималните напори на двете страни во преговорите се од особено значење и поради фактот што земјава нема алтернатива во аспирациите за членство во ЕУ и НАТО и заемната поддршка во изнаоѓањето заеднички прифатливо решение ќе го поттикне процесот до неговата цел.
На средбата е истакнато дека поддршката на земјите членки на ЕУ во решавањето на ова прашање, како и во охрабрувањето на реформските процеси соодветни на стандардите на ЕУ, е од исклучително значење за Република Македонија, но и за ЕУ заради интеграцијата на регионот и стабилноста на Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.