Македонија
Средба Џафери – Зорчич: апели за што побрзо почнување на преговорите за членство на Македонија и Албанија во ЕУ
На Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ, која се одржува денес и утре на Брдо при Крањ, Република Словенија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари билатерална средба со претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич.
На средбата беа топло поздравени пријателските и континуирано одлични односи со Република Словенија и беше искажана особена благодарност од страна на претседателот Џафери до неговиот колега за поканата да биде воведен говорник на вториот панел и за учеството на оваа конференција. Тој го информира претседателот Зорчич за актуелните случувања во Република Северна Македонија, со посебен акцент на односите со Република Бугарија и чекорите преземени од државните институции, вклучително и од страна на Собранието во однос на Украина. Во тој контекст претседателот Џафери апелира за што побрзо почнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија и Република Албанија, кои ги исполнија условите за почеток на преговорите со Европската Унија, а отворените прашања да се решаваат етапно во текот на преговорите. Овој апел беше во насока на спречување на понатамошниот пад на довербата кај граѓаните во Република Северна Македонија за членство во Европската Унија и пробив на трети страни во општествено-политичкиот живот на земјата. Претседателот Џафери исто така го информира и за усвоената декларација за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, со огромна поддршка од речиси сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, информираат од кабинетот на Џафери.
Претседателот Зорчич ги поздрави единството на Европската Унија и брзата реакција на земјите од Западен Балкан во однос на случувањата во Украина, особено целосната усогласеност на Република Северна Македонија со позициите на надворешната и безбедносна политика на Унијата. Како претседател на до неодамна земја што претседаваше со Советот на Европската Унија, тој нагласи дека и покрај разликите што постојат меѓу земјите во Унијата и нивните видувања за одредени теми, општа е согласноста дека процесот на проширување мора да се придвижи напред со забрзано темпо и да им се овозможи на земјите од Балканот да напредуваат на тој пат.
На крајот, изрази надеж дека конференцијата на спикерите на парламентите на ЕУ ќе има успешен завршок и дека пораките што ќе бидат упатени од тука ќе придонесат за пообединета, позајакната и посилна Европска Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО Делчево истражува обид за изборен поткуп со бесплатно вградување водомери
Основното јавно обвинителство Делчево истражува предмет за изборен поткуп со бесплатно поставување водомери. Обвинителот Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборите извести дека се издадени наредби за увид во службената документација на Јавното претпријатие „Комуналец“ во Делчево.
„Во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство Делчево е заведен предмет по барање на Министерството за внатрешни работи за кој се побрани наредби за вршење увид во службената документација на Јавното претпријатие ’Комуналец“ со цел да се проверат наводите за евентуално сторено кривично дело поткуп при избори и гласање. Се работи за наводно поставување водомери во поголем број населени места во таа општина. Дадена е наредба за проверка на службената документација во претпријатието. Доколку се утврди дека има елементи за сторено кривично дело поткуп при избори и гласање, предметот ќе се процесира понатака“, рече обвинителот Бајрами.
Во Основното јавно обвинителство Радовиш денес е пријавено дека во село Бучим еден од гласачите, наводно, го покажал гласачкото ливче кон еден од набљудувачите од една политичка партија. И за овој настан обвинителот Бајрами рече дека се дадени насоки за проверка на наводите и доколку постојат елементи за сторено кривично дело и овој предмет ќе се процесира.
Обвинителот Бајрами рече дека од аспект на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денешниот изборен ден се одвива без поголеми нарушувања и нерегуларности.
Македонија
Одѕивот до 13 часот е 26,35 отсто – најмногу гласале во Новаци, а намалку во Врапчиште
Процентот на избирачите кои гласале до 13 часот е 26,35 отсто, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Според податоците, најголема е излезноста во Новаци – 42,87, а најмала во Врапчиште 10,18 отсто.
Заклучокот е дека досега гласањето се одвива мирно на сите избирачки места.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право, од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 одбиени. Останатите се во обработка.
Македонија
Штипјанец и скопјанка фатени како ги фотографираат гласачките ливчиња, а жител на Бучим му го покажал ливчето на набљудувач
Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје. Во 09.30 часот на избирачко место 2274 во Штип Г.Ј. го фотографирал гласачкото ливче и од страна на полициски службеници од СВР Штип се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 09.20 часот на гласачко место 2844 во ОУ „Јохан Х. Песталоци“ во Скопје, С.М. (57) го фотографирала гласачкото ливче и од страна на СВР Скопје се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаде Ангеловски.
Тој посочи дека досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно гласањето се одвива мирно и без проблеми.
Ангеловски дополни и дека димна бомба има на гласачко место, а пријавени се и летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити.
До 11 часот е пријавено дека на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до 9 часот, се искачи на 12,78 отсто.