Македонија
Српскиот игумен Петар: Македонија е територија на три држави, Грција нема ексклузивно право на името
Македонија е грчка, гласи слоганот на грчките протести во Атина?! Е па не е баш така браќа Грци. Со сета почит, мојот личен став е дека Македонија не е само грчка и дека македонското име е исклучива сопственост на Грците. Егејска Македонија е грчка затоа што денес таму живеат главно Грци и ѝ припаѓа на грчката држава. Во Вардарска Македонија мнозинството се Македонци и таа држава се вика Република Македонија. Никој нема право да му го одзема името и јазикот на еден народ и една држава. Во Република Македонија 80 отсто од жителите денес се Македонци и мнозинството денес не се ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби. Во неа денеска мнозинството се Македонци. Како што во Пиринска Македонија мнозинството се Бугари. Значи, Македонија е територија на три држави и многу нации кои живеат во тие три држави, но претежно Грци, Македонци и Бугари, напиша српскиот игумен Петар Драгојловиќ на „Фејсбук“.
На мене како Србин и како православен игумен кој живее во Србија, пишува тој, Македонците ми се драг и посебен народ, кој има своја држава, свое име, своја нација, свој јазик, своја историја.
„Исто така, ги сакам и ги ценам и Грците и Бугарите, но не поддржувам елитизам, било кај поединци кај кој било народ, било кај некои поголеми групи кај кој било народ, Ниту српски, ниту бугарски, ниту грчки, ниту македонски. А паролата Македонија е грчка е елитистичка. Грците немаат право да ја држат цела Македонија, ниту имаат ексклузивно право за нејзиното име. А оној кој и малку знае историја знае дека обичните антички Македонци меѓу себе зборувале на мајчин јазик различен од оној на кој зборувале Грците, што значи дека биле друг народ, а не грчки. Така што Грците немаат сопственост на сите антички Македонци, а не може да имаат ниту на денешните Македонци и денешна Република Македонија“, пишува игуменот Петар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Пендаровски ја призна конекцијата со мешетарот Еисин и после се сокри од јавноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Пендаровски ја призна конекцијата и комуникацијата со балканскиот мешетар Асаф Еисин и се сокри од јавноста. Го нема со денови да излезе и да даде одговори, дали тој, дали СДС, дали Ковачевски или сите комплет го ангажирале Еисин за консултации“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој скандал е дотолку поголем што постојат сериозни индиции дека овој сомнителен лик е ангажиран за креирање на црната кампања на власта и за тоа според основани сомнежи се плаќа со пари во кеш. Овие црни пари не се водат во ниедна евиденција и се испумпани од криминалните тендери во РЕК Битола.
Надлежните институции треба овој случај детално да го проверат, бидејќи ангажманот на мешетарот Еисин и двете лица кои му помагаат а кои се сместени во еден скопски хотел, не фигурира во ниеден извештај. Доколку актуелните институции не го истражат овој случај, тогаш после промената на власта се ќе биде детално проверено. Време е за промени, а наскоро после тоа ќе дојде и времето за одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Нема промена во ДПМНЕ, над 80% од листите се истите пратеници кои спроведуваа активни блокади“, велат од СДСМ
„Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа, сé што е во интерес на граѓаните и државата“, соопшти СДСМ.
„Тоа се истите лица што во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, кои два дена на собраниска седница ги преместуваа точките на дневниот ред.
Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО, и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен.
Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ.
Со истите лица на листите Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.