Македонија
ССНМ: Постапката на АВМУ против „Телма“ е класичен пример за притисок
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) ja поздравува одлуката на Основниот суд – Скопје 1, со која се констатира дека телевизијата „Телма“ не го прекршила изборниот молк, врз основа на прекршочната пријава поднесена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ) .
„Иницираната постапка од АВМУ против ‘Телма’, ССНМ ја смета за класичен пример на притисок врз објективното и професионално информирање. Непријатно сме изненадени што АВМУ препозна кршење на изборниот молк и прикриена кампања во телевизиски прилог што се однесува на застрашувачките размери на епидемијата предизвикана од Ковид-19“, се наведува во соопштението.
Од ССНМ велат дека пренесувањето на изјавата во моментот на најкомпетентната личност за справување со епидемијата, актуелниот министер за здравство, Венко Филипче, никако не може да се смета за политичка или партиска кампања, туку како покривање на прашањата што се од највисок јавен интерес, а тоа е и суштината на професионалното и објективно информирање.
„Примерот на ‘Телма’, кој се појавува како последица на слободното толкување на членовите на Изборниот законик, кои заговараат сериозна рестрикција во правилата на информирање за време на изборниот молк, доволно сериозно укажува дека ваквите законски решенија може сериозно да ги нарушат приоритетите во јавниот интерес, особено во ситуации на елементарни непогоди и зарази, како што е сега случајот со епидемијата на Ковид-19“, велат од Синдикатот.
Во таа насока, додаваат од таму, сметаме дека е крајно време да се размисли за промена на Изборниот законик во овој рестриктивен дел, каде што политичката кампања и партиската агитација јасно ќе бидат диференцирани од прашањата од поширок јавен интерес, сѐ со цел граѓаните целосно да бидат информирани, а медиумите и новинарите да бидат заштитени од паушалното и волунтаристичко толкување на законските одредби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.