Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: ВМРО-ДПМНЕ секогаш се стреми кон повисоки плати за наставниот кадар
Денес, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, по скратена постапка, истакна Бети Стаменкоска-Трајкоска, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Се работи, како што појасни таа, за идентичен закон со законот што го има поднесено од СДСМ, кој, како што нагласи, го користат за манипулации на јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ била против зголемување на платите на наставниците и подобрување на воспитнообразовниот процес.
„Значи, се работи за ист закон, но едиствената разлика е тоа што во овој предлог-закон го нема делот со кој СДСМ сака да си ги згрижи своите партиски војници во образованието и наместо квалитет во наставниот кадар, сака да изврши груба партизација, што ќе биде на штета и на образовниот процес и на штета на нашите деца. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сака и секогаш се стреми кон повисоки плати за наставниот кадар и токму затоа го поднесуваме овој закон“, истакна Стаменкоска-Трајкоска.
За да се обезбеди квалитетен образовен процес преку професионалниот и кариерниот развој на наставниците и стручните соработници, потребно е, додаде пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, да се зголеми нивната мотивација. Со зголемување на нивната мотивираност, смета Стаменкоска-Трајкоска, ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес во Македонија. За таа цел, нагласи дека е потребна економска сигурност на наставниците и стручните соработници и вреднување на нивниот труд, кој се постигнува со пораст на платите.
„Токму заради елиминирање на досегашната нееднаквост во однос на исплатата на платите во Републиката, со законот ќе се создаде правна сигурност, со која платите во образованието ќе се усогласат по колективен договор, со минималната плата на национално ниво. Исто така, со овој предлог-закон ќе се тргне маската на СДСМ и на парламентарното мнозинство за наводната грижа за зголемувањето на платите на наставниот кадар и ќе се види дека нив единствено ги интересира партизација на основните и средните училишта со несоодветни кадри“, потенцира Стаменкоска-Трајкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро
На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски- Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за една од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.
Тој соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, а беше познат и како „крал на местенките“ во фудбалот.
Соработуваше со големи музички ѕвезди како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.
Македонија
Пендаровски победи во три општини, а Таварари и Димитриевски само во општините кадешто се градоначалници
Кандидатите за претседател, Гордана Силјановска Давкова и Бујар Османи освоија најмногу гласови на претседателските избори по број на општини.
Според податоците на ДИК, Давкова на вчерашниот прв круг победи во 60 општини, а Османи во 15. Понатаму, Пендарвски освои најмногу гласови во три општини, а Арбен Таравари и Максим Димитриевски имаат победа во по една општина.
Со тоа, Силајовска има најмногу освоени гласови во Аеродром (51,48 %), Берово (54,92 %), Битола (48,44%), Богданци (49,59 %), Босилево (57,61 %), Брвеница (33,54 %), Бутел (43,91%), Валандово (50,29 %), Василево (60,18 %), Вевчани (56,15 %), Велес (53,57 %), Виница (56,71 %), Гази Баба (53,68 %), Гевгелија (52,62 %), Ѓорче Петров (51,58 %), Градско (64,27 %), Дебарца (57,06 %), Делчево (47, 08 %), Демир Капија (54,77%), Демир Хисар (52,92 %), Дојран (52,58 %), Зелениково (53,35 %), Зрновци (61,15 %), Илинден (62,96 %), Јегуновце (47,49 %), Кавадарци (50,84 %), Карбинци (61,22 %), Карпош (40,82 %), Кисела Вода (57,67 %), Кичево (39,84 %), Конче (57,85 %), Кочани (53,10 %), Кратово (62,84 %), Крива Паланка (47,05 %), Кривогаштани (54,84 %), Лозово (53,09 %), Македонска Каменица (50,96 %), Македонски Брод (55,86 %), Могила (63,48 %), Неготино (49,02 %), Новаци (61,88 %), Ново Село (56,84 %), Охрид (53,89 %), Петровец (59,05 %), Пехчево (53,97 %), Прилеп (51,42 %), Пробиштип (52,03 %), Радовиш (56,34 %), Ранковце (54,34 %), Ресен (47,64 %), Росоман (51,36 %), Свети Николе (57,63 %), Сопиште (49,44 %), Старо Нагоричане (37,59 %), Струмица (47,06 %), Центар (39,98 %), Чашка (32,70 %), Чешиново-Облешево (58,93 %), Чучер Сандево (36,35 %) и во Штип (53,44 %),
Стево Пендаровски освои најмногу гласови во: Крушево (43,02 %), Маврово и Ростуша (44,04 %) и во Центар Жупа (34,95 %).
Бујар Османи победи во: Арачиново (53,51 %), Боговиње (55,33 %), Врапчиште (58,02 %), Дебар (49,88 %), Долнени (32,95 %), Желино (49,45 %), Липково (56,83 %), Пласница (66,91 %), Сарај (55,49 %), Струга (39,38 %), Студеничани (50,54 %), Теарце (41,30 %), Тетово (37,91 %), Чаир (40,65 %), Шуто Оризари (37,11 %)
Арбен Таравари освои најмногу гласови во Гостивар (32,26 %), а Максим Димитриевски во Куманово (22,89 %).
Македонија
Македонскиот концепт: Ја поздравуваме одлуката на кандидатот Пендаровски да го истрча и вториот круг
Колку беше важна победата на кандидатката Гордана Силјановска Давкова во првиот круг, толку е важна одлуката на кандидатот Стево Пендаровски да го истрча и вториот круг и да не ги бојкотира претседателските избори, велат од Македонски концепт.
„Бојкот никогаш не бил решение, ниту на Референдуми, ниту на Попис на население, ниту пак на Избори. Мора да се почитува волјата на народот и да биде мирно предадена власта на победничката Коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО ДПМНЕ, а чиј дел е и нашата партија Македонски Концепт.
Партијата Македонски Концепт честита на огромното водство на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, што е резултат на нашите политики за обединување на опозицијата, нешто што го депласираше и детронизирање ДУИ и нивните сдса измеќари, а со цел уште поголема победа во вториот круг на 8ми Мај, повикуваме на уште поголемо обединување и окрупнување на Коалицијата „Твоја Македонија“ со останати добронамерни политички партии и членови и симпатизери на останати партии, чии водства се платеници на ДУИ, но нивните поддржувачи се искрени Македонци и искрено се радуваат на оваа голема македонска победа.
Македонски Концепт го реафирмира својот став за граѓански концепт на Уставот на државата и ги повикува сите македонски граѓани, без разлика на етничка, верска, партиска или друга припадност, да се вклучите во нашите активности и на 8ми Мај да дадете поддршка на Коалицијата „Твоја Македонија“ и број 2 на гласачкото ливче и за претседателски и за парламентарни избори“, велат од партијата.